ММС

Објавено на: 07/14/21 10:15 AM

Се радувавме за секој излечен, плачевме кога ќе изгубевме пациент, и ние сме луѓе – Со д-р Милена Стевановиќ, директорка на Инфективна за делта сојот и новиот можен бран

Додека рестриктивните мерки се олабавуваат, а бројот на нови случаи на ковид-19 значително се намалува, се’ помал е и бројот на хоспитализирани пациенти на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тимот сега работи со многу помала динамика, но психолошкиот товар и понатаму е присутен бидејќи вработените таму на чело со директорката Милена Стевановиќ уште од почетокот беа на првата линија во борбата против невидливиот непријател. Дали и како се подготвуваат за новиот евентуален бран наесен, кои се карактеристиките на делта сојот и каква е ефикасноста на вакцините во однос на него се само дел од прашањата на кои во интервју за Македонски медиа сервис одговара Стевановиќ.

Година ипол по првиот случај на корона во земјава, како сега функционира Клиниката? Со оглед на тоа дека бројките се намалени, а мерките разлабавени дали одморивте малку по минатогодишниот хаос?

-Се разбира дека далеку сме од таа динамика во која бевме до пред кратко време. Бројките и на прегледани драстично е намален. Некогаш има денови кога нема за преглед пациенти суспектни на ковид. Бројката на хоспитализирани исто така е мала и се движи околу десет – некогаш малку повеќе, некогаш помалку. Добар дел од персоналот користи годишни одмори. Клиниката се подготвува од секој можен аспект на поправки, на дополнувања на потребни материјали, на чистење, процедури на дезинфекција и слично за наредниот бран кој се надевам дека нема да биде така голем и така интензивен како претходниот.

Ковидот сам по себе е инфекција и болест всушност, која е полна со непознаници за целиот медицински свет. Дали ќе биде делта или некој друг сој, биологијата на вирусите е таа. Тие во одреден момент се изменуваат и ги менуваат своите карактеристики. Начинот на заштита и на третман не е променет од она што досега го јавува светот.  Ние сме подготвени и во процес се регуларни набавки за потрошни медицински материјали, опремата ја опоравуваме, ја обновуваме, потребните лекови ги обезбедуваме. Се’ она што би било потребно, ќе биде набавено.

Од кога почна тој период во кој имаме денови без хоспитализирани пациенти, дали веќе се гледаат ефектите од вакцинацијата?

-Веќе две-три недели се случува да имаме денови без хоспитализирани пациенти. Вакцините и ефектот на вакцините не можеме да ги видиме веднаш, тоа ќе го гледаме со текот на времето. Но како и да го дефинираме, вакцината е единствениот спас кој ќе значи ниски бројки на новоинфицирани и ниски бројки на тешко болни.

Постои ли се’ уште одложување на останатите пациенти, на прегледите за останатите болести и симптоматологии?

-Ние не престанавме да работиме и да ги задоволуваме и другите здравствени потреби, односно потребата од третман и дијагностика на кои било пациенти. Тој број беше драстично помал од некое редовно рутинско време затоа што луѓето помалку мислеа на нешто друго, или едноставно тие инфекции во еден период драстично помалку се јавуваа, јас тоа не можем да го дефинирам. Но хронично болните како пациентите со хронични хепатити или ХИВ инфекција во ниеден  момент не беа прекинати нашите услуги кон тие пациенти. Имаме обезбедено наши услови кои се физички комплетно одвоени од рутината на Клиниката и на најбезбеден начин со спроведување на сите протоколи овие пациенти, можеби со намалена динамика, но не прекинавме да ги прегледуваме и да ги следиме. Што се однесува до другите инфекции, пациентите ако имаа потреба за хоспитализација беа хоспитализирани на другите клиники, а ние заедно со колегите ги третиравме  и ги следевме.

Иако е нова оваа мутација, со што се карактеризира во однос на останатите? Дали предизвикува потешка клиничка слика?

-Многу е рано се’ уште да очекуваме колегите кај кои доминира делта сојот да дадат прецизни податоци врзани со неговата манифестација.

Она што веќе е сигурно и познато кај медицинската јавност е дека тој многу побргу се шири дури и од британскиот, значи полесна е инфекцијата. Разликата во симптомите – ако кај претходниот сој доминираа високите температури сега тоа не е главен симптом и е помалку карактеристичен за ковид. Тоа се горнореспираторни инфекции, затнат нос, главоболка, малаксаност…тоа се првите симптоми. Секако дека очекуваме исто како и кај претходните соеви, и кај пациенти кои ќе бидат инфицирани со делта сојот, да има пациенти кои ќе бидат асимптоматски, но и оние кои ќе развијат сериозни тешки клинички слики.

На прашањето дали да стравуваме или не, секогаш треба да се каже да, треба работите да се прифатат многу сериозно.  Можеби стравување не е вистинскиот збор затоа што јас не сакам да се плашам, но сакам да бидам многу претпазлива за можните сценарија врзани со ковид-19 и со развојот на инфекцијата во периодот што следува. Тоа би било сериозно и одговорно однесување, но не само на здравствените власти, туку и на нас, професионалците кои ги спроведуваме мерките, па и на секој еден поединец. Вакцинацијата, одржувањето на дистанцата, користењето маски во затворени простории со многу луѓе, и понатаму треба да е нешто што ние мораме да го применуваме.

Настрана од ковид-19, имаме ли инфекции кои се вообичаени за овој период од годината?

-Некогаш многу поспецифични и попрецизни беа сезоните и влијанието на сезоната врз појавата на зголемен број на одредени инфекции. И сега е тоа така, не дека не е, но ако некогаш доминираше цревната симптоматологија во текот на летните периоди, не дека не ја гледаме и во другите сезони. Но најкарактеристично секако е дека труењата и цревните инфекции доминираат и се многу поизразени во летниот период. Се разбира, има многу летни вируси кои прават различен тип на настинки, горнореспираторни инфекции кои не се поврзани со ковид-19.

И во Гевгелија имавме десетици деца хоспитализирани поради симптоми нетипични  за летниот период…

-Не знам детали врзани со оваа група пациенти, секако дека педијатрите ќе го имаат главниот збор. Веројатно има влијание на вакво појавување на одредени инфекции посебно кај популација која се згрижува во групи како децата во градинките. После еден долг „стоп“ на нивно заедничко комуницирање, сега повторното нивно собирање на едно место да почне со развој на ваков тип инфекции.

Со оглед на тоа дека ги споменавте труењата, кои се советите и препораките кои би ги упатиле кон граѓаните во однос на тоа како да се заштитат, па и кога да побараат лекарска помош?

-Главниот совет како и за најголем дел од сите останати инфекции е одржувањето на хигиена на високо ниво – миењето раце е клуч за превенирање на многу болести. Кога станува збор за лето и за труењата со храна покрај миењето раце и одржувањето на високата хигиена на садовите за конзумирање на храната и нејзиното готвење, многу е важно храната да не се остава долго време на надворешна или собна температура, бидејќи така е подложна на брзо расипување. Треба да биде соодветно сортирана во фрижидер, да не се користи повеќе денови, да се прават помали количини храна кои побргу би се потрошиле, да не остануваат за нареден ден. Генерално тоа се главните препораки за спречување на труењата со храна и појавата на гастроентероколитите.

Како вакцинираните реагираат на делта сојот, какви се информациите според досега објавените студии?

-Најголем дел од студиите и испитувањата вршени од самите производители на сите вакцини, е дека треба да го опфаќаат во еден добар дел или со одреден добар процент и делта сојот. Но, треба да бидеме самите свесни дека не постои вакцина која може да заштити стопроцентно.

Она што мене ми е најзначајно како здравствен работник е ефектот на вакцината кој ќе значи немање развој на тешка клиничка слика и намалување или исклучување на смртните исходи. Toa e главната цел на вакцинирањето, значи помалку да се дискутира и филозофира околу тоа која вакцина е правиот избор. Здравствениот работник е тој кој треба да процени постои или не, некаква контраиндикација или причина поради која некој не треба да добие одреден препарат, односно лек или вакцина во случајов. Треба да се извакцинираме масовно со цел да ги минимизираме посетите на болниците и развојот на тешките клинички слики и компликации од ковид-19.

Дали има некој специфичен момент кој ви остана  во сеќавање од целата досегашна ситуација, нешто што ви побудило емоции?

-Ние сме и професионалци, но сме и луѓе и оваа година беше исклучително тешка поради обемната работа што ја имавме изминатиот период, но и поради тешкото и континуирано изложување на еден голем емотивен стрес и напор. Најголеми траги оставаат емоциите кои се предизвикани од губиток на пациент. Сепак, имаме и пациенти кои успеале да се изборат со инфекцијата и позитивните емоции со испишување и излекување на пациентите беа рехабилитација на нашите чувства и на нашето срце, бидејќи и ние сме емотивни.

Рачно изработена честитка од пациентка оздравена од ковид-19

 

Некој можеби мисли дека ние сме навикнати да работиме со тешки пациенти, но не постои навика која ќе ви го олесни губитокот на пациент. Секој од на тоа многу сериозно го преживува.  Ова беше период во кој бевме изложени на многу вакви случки. Не можам да издвојам конкретна бидејќи сето беше многу динамично, имаше и несакани и сакани случувања. Сигурна сум дека психолошкиот товар што го понесовме во текот на изминатата година ќе остави трага на секој еден од нас.  Ние имавме пациенти кои влегуваат на третман без некоја голема надеж дека ќе успеат да се изборат со болеста и кога ќе успеете да ги надминете тие кризи и потешкотии кај еден пациент со многу коморбидитети после долго лекување и голема мака, навистина е нешто што предизвикува солза во очите.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1