ММС

Објавено на: 07/13/21 2:29 PM

Нуредини е изненаден поради блокирањето на законите за екологија, неопходни да се реши и проблемот со отпадот

Изненаден сум што некој ги блокира овие закони, што ни се неопходни за да го решиме проблемот со отпадот, бидејќи е очигледно дека со постојаната регулатива имаме проблем со отпадот, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во изјава за МИА за блокадата на законите за екологија во Парламентот.

Тој посочи дека тие што не успеале да ги прочитаат законите што се достапни на јавноста околу 12 месеци, треба да ги прочитаат.

–Делот со РДФ отпадот што беше изработен согласно стандардите на ЕУ, но предизвика загриженост во јавноста, се согласивме со пратениците да го измениме и увозот на РДФ да биде забранет додека не се обезбедат капацитети за добри контроли, додава министерот.

Во однос на тоа колку длабоко ќе се копа во малата депонија во ОХИС, експертите на денешната прес-конференција велат дека според податоците што ги имаат, откако ќе се тргне горниот слој на нафрлената земја, се наоѓа закопан линданот и изомерите во бетонски базени, во длабочина од 1,70 метри, потоа ќе се ископа и извади бетонот и ќе се направи дополнително истражување дали НСН пенетрирал и подлабоко во почвата. Доколку НСН пенетрирал и подлабоко во почвата тогаш ќе се изведе и ископување до безбедни концентрации.

Во одговор на новинарско прашање, околу тоа колку време е потребно да се заврши целиот процес, Нуредини истакна дека предвидени се 12 месеци и очекуваат да завршат со чистење на малата депонија во јули 2022 година. Тој додава дека сега со помош на експертите и знаењето што го имаат, ќе може да се изнајдат средства за да се исчисти и големата депонија. Станува збор за количество на отпад од 7.000 тони во малата и 52 илјади тони во големата депонија.

Министерот Нуредини посочи дека Природно математичкиот факултет има добиено инструменти од Норвешкото Кралство, што ќе ја мери почвата, но и воздухот и континуирано ќе се спроведуваат анализи, со цел да се обезбеди заштита на граѓаните во околината.

 

 

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1