ММС

Објавено на: 07/13/21 3:21 PM

Мене ми е чест, па што ќе биде не е важно – Д-р Милена Стевановиќ од Инфективна можен кандидат на СДСМ за градоначалник на Центар

Владеачката СДСМ вечерва на седница на Извршниот одбор треба да ги потврди првите дваесетина кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Во јавноста проструија повеќе имиња на поранешни и актуелни градоначалници, лекари, министри, пратеници и директори на институции, но од она што досега беше потврдено, извесно е дека актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов повторно ќе влезе во новата трка за градоначалничката функција. Иако кандидатите за градоначалници на скопските општини допрва треба да бидат соопштени, меѓу  оние кои се споменуваат за општина Центар е и директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ. ММС повара инфомација од директорката, која кусо рече дека нејзиното име е предлог на граѓанството, на членството и на самата партија.

„Од една страна, навистина е чест некој да посака да му бидете лидер. Од друга страна јас на Клиниката се’ уште имам сериозни обврски кои треба да се сработат па не многу се занимавам со тој дел од можностите за моето ангажирање“, рече Стевановиќ.

Според неа, најважно е на граѓаните да им се понуди најдоброто.

„Има широка палета на имиња кои се споменуваат и тоа е убаво да имате палета на луѓе од кои можете да го изберете најдоброто и да го понудите на своите сограѓани кои веројатно го очекуваат најдоброто. Јас си ја работам мојата работа која се’ уште е во голем обем. Мене ми е чест, нема што да кажам друго.  Што ќе биде и како ќе биде, важно е да биде најфункционалното и најдоброто за нашите сограѓани. Тоа е на ниво на дебата, на разговори и размислување на секој еден од нас, на членството и на граѓанството“, истакнува Стевановиќ.

Како можни кандидати за градоначалници на скопската општина Центар се споменуваати актуелниот градоначалник, Саша Богдановиќ и директорката на Санитарниот и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова.

Од партијата инаку, претходно најавија дека кандидатите официјално ќе ги објавуваат во три фази, во зависност од  анализите и внатрепартиските анкети. До 1-ви јули во СДСМ се пријавиле 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници. Локалните избори пак, предвидено е да се одржат во втората половина на октомври.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1