ММС

Објавено на: 07/13/21 2:07 PM

Донарума: Не ја прославив одбраната бидејќи не знаев дека победивме

Италија во неделата на „Вембли“ ја совлада Англија по изведувањето на пенали и по вторпат во историјата се искачи на европскиот трон. Херој за „аѕурите“ несомнено беше доскорашниот голман на Милан, Џиџи Донарума, кој одбрани два пенали меѓу кои и оној решавачкиот на Букајо Сака.

Донарума откако го осуети обидот на младото крило на Арсенал, не тргна во вообичаена прослава карактеристична после освоен важен трофеј, туку стоеше во место ала Марио Балотели и ги чекаше своите соиграчи.

Многумина сметаа дека Донарума смислено на тој начин го одбележал крајот на спектакуларниот турнир за него и Италија, но дваесет и двегодишниот чувар на мрежата ја откри вистинската причина за тоа.

Идниот голман на ПСЖ воопшто немал идеја дека со одбранетиот пенал Италија стана европски првак и „студената прослава“ всушност не е претходно обмислена.

-Не го прославив пеналот бидејќи немав идеја дека победивме. Јас бев разочаран после пеналот на Жоргињо, затоа што мислев дека загубивме, но морав да продолжам, изјави кратко Донарума за „Sky Italy“.

Официјално најдобриот фудбалер на ЕУРО 2020 е пред прагот на трансфер во француската престолнина. Донарума како слободен играч од Милан ќе се пресели во Париз Сен Жермен, тимот кој е најактивен на летниот трансфер пазар.

 

 

Фото:

Twitter


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1