ММС

Објавено на: 07/13/21 11:14 AM

УЕФА го претстави најдобриот тим на ЕУРО 2020, дури осум играчи од финалистите се најдоа во него

УЕФА денес го претстави најдобриот тим на Европското првенство, каде што се најдоа осум играчи на финалистите Англија и Италија и по еден на Белгија, Данска и Шпанија. Место во најдобрата 11-ка на континенталниот собир немаше за најдобриот стрелец Кристијано Роналдо, Патрик Шик, Хари Кејн.

На голот е официјално најдобриот играч на турнирот, Џанлуиџи Донарума. Идниот чувар на мрежата на Париз Сен Жермен одигра фантастично првенство, без примен гол во групната фаза и на двапати херој за Италија во пенал-драмите со Шпанија и Англија на „Вембли“.

Во одбраната, на десната бековска позиција заслужено – Кајл Вокер. Дефанзивецот на Манчестер Сити беше и благо изненадување на ЕУРО 2020, со оглед на топло-студено клупската сезона. Покрај десната бековска, Вокер му користеше на својот селектор и во формација со петмина одбранбени играчи, како трет централен дефанзивец во линијата со Џон Стоунс и Хари Мегваер.

Токму Хари Мегваер го зазеде и централното место во одбраната, иако не го стартуваше првенството поради повреда. Веднаш до него се најде и нескршливиот Леонардо Бонучи. Бонучи со голот во финалето против Англија му донесе продолженија на Италија и шанса за втор трофеј на Европските првенства.

Левата бековска позиција му припадна на несреќниот фудбалер на Рома, Леонардо Спинацола, кој заработи повреда на ахиловата тетива на дуелот со Белгија, но до тој момент претставуваше можеби и играч број еден на дисперзираниот европски шампионат.

Средниот ред на тимот на турнирот го сочинуваат најдобриот млад играч, осумнаесетгодишниот бисер на Барселона, Педри, диригентот на Челзи и Италија, Жоргињо и движечката сила на Данска во отсуство на Кристијан Ериксен, Пјер-Емил Хојбјерг.

Во нападот, левата крилна позиција заслужено ја заработи Рахим Стерлинг. Напаѓачот на Манчестер Сити со три погодоци ја носеше на „грб“ Англија во групната фаза, додека пак со продорноста и асистенциите ги разигруваше своите соиграчи до финалето на „Вембли“.

На спротивната страна друштво му прави младото крило на Јувентус, Федерико Киеза. Головите против Шпанија и Австрија придонесоа во огромна мера за шампионскиот поход на неговата селекција. Врвот на нападот е резервиран за колегата на Киеза од Сериа А, Ромелу Лукаку. Четирите голови на Белгиецот сепак не беа доволни за нешто повеќе од четвртфинале.

 

 

Фото:

Twitter /@Squawka

Twitter /@EURO2020DE

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1