ММС

Објавено на: 07/13/21 9:22 AM

Поголемата вклученост на жените во сите општествени сегменти носи бројни економски придобивки, рече Ангеловска-Бежовска

Поголемата вклученост на жените во банкарскиот сектор и воопшто во сите општествени сегменти, носи бројни економски придобивки за целото општество. Истражувањата за централнобанкарската заедница упатуваат дека поголемото учество на жените во телата за одлучување за монетарната политика значи и поголемо ниво на ценовна стабилност.

Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за документарниот магазин „Приказна”, посветено на вклученоста на жените во банкарскиот сектор. Во документарниот магазин беше истакнато дека Народната банка е позитивен пример за инклузијата на жените, како од аспект на нивната застапеност во вкупната и управувачката структура, така и од аспект на валоризацијата на нивниот труд.

-Централната банка е добар пример за родовата застапеност. Учеството на жените во вкупниот број вработени е околу 60 отсто, а во раководните структури е близу до 70 отсто. Оваа констатација е релевантна за сите нивоа на раководството – оперативно, тактичко и стратегиско. Во рамките на стратегиското раководство, од тројца вицегувернери, две се жени. Би потенцирала дека предлогот до Собранието за нивен избор, доставен од моја страна, не беше затоа што тие се жени, туку затоа што ги имаат потребните, соодветни квалификации за да можат да им одговорат на таквите исклучително одговорни позиции, напомена Ангеловска-Бежоска.

Сепак, додаде, ситуацијата со застапеноста на жените во управувачките структури во банкарскиот сектор кај нас е поразлична.

-Учеството на жените во управните и надзорните одбори во банките во нашата земја е околу 30 отсто, а има и неколку банки каде што жените воопшто не се застапени во управните, односно надзорните одбори, рече Ангеловска-Бежоска.  Ситуацијата во меѓународни рамки, истакна, не е многу поразлична, односно согласно со индексот за родова еднаквост на ОМФИФ, жените учествуваат со 23 отст5о во управните и со 30 отсто во надзорните одбори во банкарскиот сектор, во просек.

-Ставањето на женскиот потенцијал во функција, не е само од аспект на квантитетот, односно затоа што е потребна повеќе работна сила, туку и затоа што се смета дека жените се одликуваат со посебни карактерни особини, како што се прагматичноста, одбивноста кон ризик, поголемата темелност и сето тоа придонесува за една поконзистентна средина, дава поинакви перспективи во процесот на одлучување. На крајот се оценува дека сето тоа води кон пооптимални одлуки во процесот на стратегиското одлучување на институцијата. Оттаму, јасно е дека поголемото учество на жените носи придобивки за сите, истакна Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката нагласи дека од особено значење е и пристапот на жените до финансиите. Податоците, како што рече, покажуваат дека 80 отсто од мажите кај нас имаат банкарски сметки, додека кај жените процентот е помал – околу 70 отсто. Во однос на пристапот до кредити, 45 отсто од вкупните кредитокорисници се жени, а 55 отсто се мажи, додека ако се гледа според износот на кредитите, само 38 од од кредитите на населението ги користат жените.

-Овие бројки укажуваат на потребата од преземање натамошни мерки, а една од позначајните активности за поттикнување на пристапот до финансии е финансиската едукација. Затоа, и во првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија се дава простор за поголема инклузија на жените во финансиите, посочи Ангеловска-Бежоска.

 

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1