ММС

Објавено на: 07/12/21 10:50 PM

Тапијата на Охрид е во наши раце на чување – Вечерва отворено 61. издание на „Охридско лето“

Вечерва на Антички во Охрид беше отворено 61. издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“. Вечерва честа да го прогласи фестивалот за отворен ја има големиот музичко-сценски спектакл „Големиот Чајковски“, кој ги содржи најубавите дела на рускиот композотор, со изведби на делови на балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

Но, пред тоа присутните ги поздрави покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски и министерката за култура Ирена Стефовска.

„Парадоксот на убавината која е олицетворена во уметноста и културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето. Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, не поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нè охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите ширејќи го просторот за свет со почовечки лик“, рече Пендаровски и го прогласи фестивалот за отоврен.

Трогателен и со порака беше говорот на министерката за култура.

-Шеесет и една година од првиот акорд во величествената Света Софија  до шеесет и една година вечерва во грандиозниот Антички театар – минато вредно за длабок поклон. Охридско лето одамна е престижен настан, стана македонски бренд кој трпеливо си го проби патот до светска препознатливост.  Поставено на здрави темели, градено со љубов и негувано со почит – тоа не само што трае туку и ни го дава најдоброто од себе. Тоа е уметноста – лечителка на душата.Ниту Охрид без Охридско лето, ниту Охридско лето без Охрид. Магијата е взаемна како што е магичен и целиот регион, рече таа и додаде?

– Затоа, замолувам и повикувам – доаѓајте со респект во Охрид. Охрид не е забавен парк. Посетете ја питомата Струга. Струга не е само уште еден град. Прошетајте ја живописната Дебрца. Дебрца не е депонија. Искачете ја Галичица и напојте го погледот со убавина. Галичица не е само уште една планина. Охридското езеро е редок дар, а не базен. Охридско-струшкото крајбрежје e мир, а не бетонски рај.Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја сочуваме – не заради УНЕСКО, туку заради оставениот аманет кој е и наша обврска и наша чест. Во таа задача, ние како Влада, можеби навидум одиме бавно,тоа е факт. Како што е факт и дека не сопираме. Како што не сопира ниту нашето Охридско лето. Зашто летата во Охрид почнуваат и завршуваат со „Охридско лето“.  Сè пред тоа,  и сè потоа, е само лето, рече на крајот Стефовска.

Фото: Снежана Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1