ММС

Објавено на: 07/12/21 11:31 AM

(видео) Хаварија на две главни цевки остави без вода поголем дел од Штип

Повеќе од 18 часа се работи на санирање на хаварија, која синоќа се случи во Штип, во близина на филтер станицата. Без вода се жителите на населбите Пребег, 8 Ноември, Три Чешми, Исар, Ново Село, па и ниските делови од десниот дел на Штип.

Најрано дефектот се очекува да биде отстранет попладне по 15 часот.

Во моментот кога новинарските екипи се упатија на терен зад бензинската пумпа на влезот во насебата Баби, екипите работеа во длабока дупка, која синоќа била целосно поплавена. Потребни биле неколку часа додека се испразни водата и по копањето да се стигне до цевките. Се робoтело цела ноќ, а продолжи и денеска.

Дополнителен отежнувачки фактор се електричните кабли, кои се наоѓаат до цевките. Како што објасни директорот на „Исар“ Здравко Коцев, во првиот момент, некаде по 18 часот кога почнало да снемува вода, не се знаело каде е лоциран дефектот.

-Кога дојдовме имаше пукнати цевки, кои се стари повеќе од 50 години. Ова е толку дотраено, што мора да се менува. Потрошувачката на вода беше толку голема – над 600 литри во секунди (вообичаена потрошувачка до 250 литри во секунда) , што за кратко време ја испразни филтер станицата и со други зборови, не можеше да го снабдува градот со вода. Од тоа време почнавме да раскопуваме внимателно, бидејќи овде има кабли со струја, дел со градежната машина, а дел се работи на рака. Се надевам за два до три часа ќе се санира и полека водноснабдување ќе се стабилизира, изјави Здравко Коцев, директор на ЈП „Исар“.

Хаваријата по втор пат се случува на истото место, каде пред неколку месеци експлодираше цевка, по што близу два дена градот беше без вода. Тоа е место на главните цевки, кои ја изнесуваат водата од филтер станицата кон градот. Коцев вели дека притисокот е голем и старите цевки често не можат да го издржат и доаѓа до вакви хаварии.

Решението за Исар е во замена на старите цевки. Уште еднаш беше упатен апел за рационално користење на водата, особено сега во овие врели денови, со цел вода да има за сите корисници.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1