ММС

Објавено на: 07/12/21 11:17 AM

Рокот за ревакцина со АстраЗенека се скратува на шест недели

Рокот за ревакцина со вакцината на АстраЗенека од дванаесет недели ќе се скрати на шест. Така ќе биде сега со сите граѓани кои ќе треба да се ревакцинираат со оваа вакцина – соопшти министерот, Венко филипче откако разговарал со членовите на Комитетот  за имунизација. Порепораката во однос на возраста останува иста и со оваа вакцина ќе може да се вакцинираат само лицата над 60 години.

„Во упатството има една флексибилност, а тоа е од четири до дванаесет недели. Ние бевме внимателни чекајќи ги публикациите и искуствата на другите земји во однос на тие несакани ефекти.  Како гледаме дека тој ризик е минимален, одлучивме тој период да биде шест недели“, истакна Филипче одговарајќи на новинарско прашање зошто се скратува рокот.

Говорејќи за процесот на вакцинација оцени дека е добро тој да продолжи без закажување, за да може граѓаните да се имунизираат во оној дел од денот кога им одговара.  Според Филипче, и покрај новиот делта сој нема потреба од нови ретриктивни мерки или какви било ограничувања на границите.

„Имаме земји со ретриктивни мерки, а има пораст на случаите. Затоа ставаме акцент на вакцинацијата, да се зголеми колективниот имунитет и да се спречи нов бран. Во Британија има многу нови случаи, но нема смртни случаи и тоа е суштината. Со кампањите, со теренската вакцинација да се вакцинираат што повеќе луѓе. Не можеме да живееме со нови рестрикции. Освен тие десетина случаи со делта сојот кои ги најавивме пред некое време, нема нови. Тие случаи во Тетово се со бразилскиот сој и буквално сите мутации на вирусот ги има, но тоа е така насекаде. Го имаме овој пристап со вакцинацијата за да сме заштитени од сите соеви“, оцени Филиче.

Тој денеска ја посети Поликлиниката во Шуто Оризари каде е отворен нов пункт за вакцинација. Од утринава таму се вакцинирале четириесетина луѓе, а паралелно почнува теренската вакцинација во останатите населените или пак, рурални места кои гравитираат кон еден здравствен дом.

„Отворен е нов пункт во Шуто Оризари со цел да се зголеми опфатот со вакцинација, а околу другите поголеми градови веќе  возилата со малите фрижидерчиња согласно направениот распоред, од утрово вакцинираат по селата. Сето тоа паралелно на процесот на вакцинација којшто редовно се одржува во рамките на здравствните домови. Од утрово се вакцинирани четириесетина луѓе и гледаме дека има интерес, верувам дека ќе продолжи и понатаму. Ова е процес кој ќе се одвива без прекин, со распоред направен од страна на здравствените домови“, истакна министерот.

Тој информираше дека процесот ќе биде повторувачки, што значи дека нема да се оди само еднаш во едно оддалечено село и населено место туку тимот ќе ротира откако сите мали места еднаш ќе бидат покриени.

– На овој начин значајно се олеснува пристапот на граѓаните до вакцина на буквално целата територија на наашта држава – оцени министерот.

Луѓето кои ќе се имунизираат во рамките на теренската вакцинација, ќе ја примаат вакцината на Синовак. Вакцинацијата ќе се одвива од понеделник од петок.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1