ММС

Објавено на: 07/12/21 9:18 AM

Татко и ќерка од Сирија се соединија во Турција по 12 години

Сирискиот политичар Амар Хајдар, затворен од режимот на Башар ал Асад во 2009 година, по 12 години повторно се обедини со својата ќерка Мерва Хајдар во турската метропола Истанбул, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Роден во Хама, Сирија, Хајдар уште од својата младост му се спротивставува на семејството Асад поради нивните антидемократски практики.

Тој ги започнал своите политички активности во раните 1980-ти години, а е осудуван многупати на казна затвор поради своите спротивставувачки активности.

Затворен е на две години во 2009 година. Незадоволен од ставањето на Хајдар в затвор, режимот на Асад изврши притисок и врз неговата ќерка и сопругата.

Хајдар, кој бил угледен изведувач во Сирија, поради овој притисок ги испратил сопругата и ќерката во Јордан.

Откако е ослободен со амнестија поради почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Хајдар решава да се бори против режимот на Асад со останатите опозиционери во Сирија наместо да оди кај своето семејство.

Тој ја продолжува својата борба до 2014 година кога е повторно уапсен и поминува во затвор кратко време, а потоа во 2015 година заминува во Турција бидејќи Јордан не прифаќа политички бегалци.

Неговата ќерка Мерва, која сега има 28 години, мораше да замине во Јордан со својата мајка кога била 16-годишна средношколка. По завршувањето на средното училиште таму, студира графички дизајн на приватен универзитет, но била принудена да го напушти своето образование во третата година поради влошувањето на финансиската состојба на нејзиниот татко.

Таа работи на разни работни места за да се грижи за својата мајка и да заработува за живот, а правела и графички дизајни.

Иако таа и нејзиниот татко сакале да се сретнат во текот на овој процес, не можеле поради разни препреки.

Таткото, кој живее во Турција, и ќерката, која живее во Либан, по 12 години имаа можност да се сретнат во Истанбул. Семејството Хајдар сега сака да живее заедно во Турција, без повторно да се раздели.

– Прекршување на човековите права

За Агенција Анадолија, Хајдар изјави дека присуствувал на состанок во Либан во 2009 година со многу луѓе од различни земји, но дека бил приведен откако се вратил во неговата земја бидејќи зборувал за кршењето на човековите права во Сирија.

„Во затвор бев до 2011 година. Откако бев ослободен во 2011 година, започна војната. Сите политичари беа ослободени бидејќи Асад издаде општа амнестија. Затоа бев ослободен. Сите луѓе почнаа да се спротивставуваат на режимот на Асад. Јас исто така зедов активна улога во тоа“, додаде тој.

Истакнувајќи дека повторно е уапсен во 2014 година, Хајдар рече дека поминал во затвор уште еден месец.

„Тој месец беше најтежок. Сум видел многу затвори, но овој пат беше многу лошо. Измачуваа многу луѓе. Имаше 17 лица во двометарска просторија. Тоалетот беше на истото место. За еден месец, три, четири лица беа убивани пред моите очи секој ден.“

Хајдар рече дека луѓето кои работеле во затворите не биле нормални луѓе.

„Дури и режимот не можеше да ги контролира. Тие беа многу сурови луѓе. По еден месец, мојата здравствена состојба се влоши многу и со малку среќа успеав да излезам“, раскажува Хајдар.

Потоа, тој се преселува во Либан.

„Кога отидов таму, се надевав дека можам да се борам повеќе, но условите беа лоши и во Либан. Хезболах му нанесуваше голема штета на сирискиот народ. Имаше голема дискриминација и се соочив со голем притисок. Останав во Либан една година“, додаде тој.

Раскажа дека сакал да премине во Европа од Турција и иако се обидел 12 пати, не успеал, секој пат го фаќала и го враќала назад грчката полиција.

– Долгоочекуваната среќа

Хајдар рече дека не ги видел сопругата и ќерката откако бил затворен во 2009 година.

„Кога бев затворен, не можев да комуницирам со нив долго време. Тогаш имав можност да разговарам со моето семејство и ги замолив да одат во Јордан. Моето семејство беше исто така угнетувано од Асад и беа во многу лоша состојба, психолошки“, рече тој.

Оттогаш, раскажа, разговарал со нив само телефонски.

„Овој момент на обединување беше во мојот ум веќе 12 години. Сонував за оваа средба секоја вечер пред да легнам (сиве овие години).“

Ќерката Мерва рече дека многу ѝ недостигал нејзиниот татко, додавајќи дека е многу тешко да се живее без татко во странска земја, а единствената нејзина утеха ѝ била надежта дека ќе го види повторно.

„12 години живеев со сонот да го видам татко ми (повторно)… Се чувствував вознемирено гледајќи ги децата како се шетаат со своите татковци“, рече таа.

„Кога го видов татко ми на аеродромот, цврсто го прегрнав. Погледнав повторно и пак го прегрнав. Тоа беше татко ми и беше во добра здравствена состојба. Го гледав, го гушкав повторно и повторно. Ми требаше извесно време да поверувам во тоа“, додаде Мерва.

 

 

 

Фото:

Агенција Анадолија


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1