ММС

Објавено на: 07/11/21 2:02 PM

Националните комисии за УНЕСКО на Македонија и Албанија утре на прв состанок во Охрид

Националните комисии за УНЕСКО на Република Северна Македонија и на Република Албанија, утре во Охрид ќе ја одржат првата заедничка седница. Работната средба, како што е најавено, ќе ја координираат министерките за култура на двете земји,  Ирена Стефоска и Елва Маргарити, кои се и претседателки на националните комисии за УНЕСКО.

Седницата, како што информираат од Министерството за култура, е посветена на идната координација во контекст на заедничкото управување со Охридскиот Регион, во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО и на средбата ќе учествуваат и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија,  Насер Нуредини како и неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси.

На седницата ќе се дискутира за Нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион”, а ќе бидат дефинирани и приоритетите и следните чекори за заедничко дејствување, како и потпишување на заедничка изјава во насока на зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот Регион.

Министерките за култура Стефоска и Маргарити, на состанокот ќе потпишат и Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерствата за култура на Република Северна Македонија и Република Албанија за периодот од 2021 до 2026 година.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1