ММС

Објавено на: 07/9/21 10:52 PM

Кина со авион евакуира 210 свои државјани од Авганистан

Кина со авион евакуира 210 свои државјани од Авганистан, каде што американските трупи привршуваат со процесот на повлекување, известува Агенција Анадолија (АА).

Според веста што ја објави весникот „Глобал тајмс“ (Global Times), еден од официјалните медиумски органи на Комунистичката партија на Кина, авионот на „Ксиамен ерлајнс“ (Xiamen Airlines) полетал од Кабул, главниот град на Авганистан, на 2 јули и слетал во градот Вухан во кинеската провинција Хубеј.

Авиокомпанијата на кинеската социјална мрежа Веибо (Weibo) потврди дека 210 кинески државјани биле евакуирани од Авганистан со летот изведен на 2 јули.

Во објавата се наведува дека 52-те лица што се наоѓале во авионот биле позитивни на тестот на новиот вид коронавирус (Ковид-19).

– Кина ги повика своите државјани „да ја напуштат земјата“

Кина на 21 јуни ги повика своите државјани да ја напуштат земјата, изразувајќи загриженост поради ескалацијата на насилствата во Авганистан.

Американската администрација постигна договор со Талибанците на 29 февруари 2020 година и на 1 мај 2021 година се согласи целосно да се повлече од Авганистан.

Администрацијата на Џо Бајден најави дека целосно ќе се повлечат од Авганистан до 11 септември.

Бајден изјави дека мисијата на американската војска во Авганистан ќе заврши на 31 август.

– Продолжуваат насилствата во земјата

Додека е неизвесен мировниот процес во Авганистан, продолжуваат насилните судири меѓу безбедносните сили и Талибанците.

Во нападите започнати во последната недела од јуни, Талибанците ги освоија речиси сите области на границата со Узбекистан и Таџикистан.

Талибанците, опколувајќи ја од два правци граничната порта „Хајратан“, најважниот трговски пат кон Узбекистан, во југозападниот дел од земјата се фокусираат на провинцијата Газни.

Талибанците со интензивни напади го зголемија притисокот врз провинциите Бадакшан, Тахар, Газни, Херат и Вардак.

Според информациите што дописникот на АА ги доби од локалните власти, Талибанците зазеле повеќе од 150 од вкупно 407 области, вклучувајќи ги и нивните центри.

Талибанската страна објави дека повеќе од 200 обласни центри се под нивна контрола.

Талибанците сè уште не изведуваат напади чија цел би биле провинциските центри.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1