ММС

Објавено на: 07/9/21 6:43 PM

Срам за судијката! Семејството на Верица Белчовска незадоволно од казната за возачот кој им ја згази ќерката

Основниот суд во Струмица денеска го осуди И.Ч. (18) од Струмица на казна затвор во траење од 15 месеци заради прегазувањето на Верица Белчовска (20) од беровско Русиново.  Тешко дека некој ја заборавил младата Верица, но за  цела јавност тоа е младото девојче, по чија смрт семејството ги донираше нејзините органи и спаси повеќе човечки животи. Токму заради нејзината младост и тоа што возачот, кој ја прегази, место да и помогне побегна од местото на настанот, скандалозна е казната на судијката Цона Каламерникова од Струмица. На оваа смешна пресуда, како што ја нарекуваат одлуката на судијката Цона Каламерникова да го осуди И.Ч. само 15 месеци се чуди целата јавност, а реагира и семејството на Белчовска,

ММС се обиде да стапи во контакт со семејството на Верица, но и со нивниот адвокат.

-Ова е срамота. Какви се овие судии навистина не ги разбирам. Јас не бев во Струмица на суд, но мојата сопруга и семејството беа и кога заврши веднаш ми се јавија да ми кажат. Па, тој треба минимум 10 години да добие за штетата што ја направи, за тоа што животот и го зема на сестра ми. Што се 15 месеци за изгубениот млад живот, за нашата загуба, која ќе не боли додека сме живи. И уште, пак, да ја згази и да побегне. Па тој за 15 месеци ќе излезе и пак ќе го направи истото. Секако дека ќе се жалиме, ни рече Мартин Белчовски, брат на починатата Верица.

Истото ни го потврди и нивниот адвокат, Сања Мирчов, која за ММС изјави:

-Ова е пресуда, која не ја очекувавме, таква ниска казна?! Нашите прогнози беа да биде некаде  минимум три години. Не сме задоволни и секако дека ќе ја обжалиме. Семејството на Верица исто така е шокирано од пресудата. Без оглед што ја признал вината, кое би можело да се смета како олеснителна околност, сепак, се работи за две кривичкни дела, загрозување на сигурноста  и безбедноста и неукажување на помош. А тоа се дела, за кои согласно законот се предвидени казна затвор до пет години. Согласно вештачењето тој немал алкохол, и затоа казната е до пет години. Но, имал штотуку положено возачки испит и не ја прилагодил брзината на автомобилот условите на патот во населено место. Ја забележал ама не застанал, а тоа веројатно е поради неговото возачко неискуство, не изреагирал несоодветно, ни рече Мирчов и додаде:

-И семејството на Верица не е задоволно. Кога ја слушнаа пресудата беа шокирани и нормално е да кажат дека е срамота.  Ќе се поднесе жалба во соодветен рок и се надеваме дека апелациониот суд во Штип ќе ја задоволи правдата, рече Мирчов за ММС.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1