ММС

Објавено на: 07/9/21 2:55 PM

Богданци доби ново спортско – рекреативно катче и сигнализација за побезбеден сообраќај со швајцарска поддршка

Подобрена сообраќајна безбедност и финализиран нов простор за спорт и рекреација во општина Богданци, како резултат на вклученоста на граѓаните во процесот на локалниот развој преку Форумите во заедницата, организирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и спроведуван од УНДП, во соработка со 24 општини.

Во текот на изминатата година, граѓаните на Општина Богданци преку серија на форумски сесии одлучија да им дадат приоритет на иницијативи за изградба на ново спортско-рекреативно катче на отворен простор и зголемување на сообраќајната безбедност преку поставување на нова сигнализација на 20 улици и измена на сообраќајниот режим со четири нови училишни зони.

„Прво рангираниот приоритетен проект „Безбеден граѓанин, среќен граѓанин – Уредување на режимот на сообраќај и поставување на сообраќајни знаци во Богданци“ беше целосно реализиран кон крајот на минатата година. Со проектот е воведен нов режим на сообраќај пред основното општинско училиште и пред детската градинка. Беа  поставени 745 различни сообраќајни знаци и табли. Се обележаа 2.800 квадратни метри сообраќајна површина и се уредија паркинзи, од кои 3 за лица со инвалидитет, и се поставија 32 квадратни метри тактилни плочи за слепи лица. Проектот чинеше 2.155.413 денари. При крај е и реализацијата на  второ рангираниот проект „Повеќенаменско спортско-рекреативнo катчe за деца и млади“ кој произлезе како предлог од младите во Богданци, и кој ќе се реализира со остатокот од средствата од донаторот и од општинскиот буџет, со вредност од 2.270.662 денари“, објасни градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов.

Овие проекти беа финансиски поддржана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од 2,7 милиони денари. Со вкупно 3,5 милиони франци, Швајцарската агенција за развој и соработка го поддржува зајакнувањето на општинските совети во 24 општини низ земјата како тела кои се клучни за развојот на партиципативната демократија и транспарентното и отчетно работење на општините.

„Овие проекти се резултат на споделувањето на идеи и приоритети за локалниот развој од страна на граѓаните, преку Форумите во заедницата. Форумите се покажаа како ефикасен механизам за локалната демократија и директно граѓанско учество во донесувањето одлуки на локално ниво. Овој процес го поддржуваме низ целата земја од 2018 година, со вкупно 24 проекти на Форумите во заедницата спроведени со швајцарско финансирање. Преку овие проекти, ние помогнавме да се подобрат општинските услуги во областа на образованието, животната средина, културата, водоснабдувањето, комуналните услуги и урбанистичкото планирање. Дополнителен придонес на Форумите е што ги поттикнуваат граѓаните да размислуваат за локалниот развој како колективна одговорност, наместо само како институционалното прашање. Кога граѓаните чувствуваат дека имаат сопственост врз проектите за локален развој, многу е веројатно дека тие проекти ќе бидат одржливи“, изјави Сибил Сутер, амбасадорката на Швајцарија, во своето поздравно обраќање на форумската сесија.

Денеска, амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер, постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан и Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски го посетија Богданци за да ги видат резултатите од овие проекти и за да ја отворат форумската сесија на која граѓаните и општината ги разгледуваа резултатите од оваа заедничка иницијатива. Воедно, делегацијата одржа средба со градоначалникот Блаже Шапов и претседателката на општинскиот совет Елена Шутарова на која беше дискутирана соработката меѓу Владата на Швајцарија и Општина Богданци со поддршка на УНДП во унапредување на процесот на децентрализација и зајакнување на капацитетите на општината за отчетно и транспарентно работење, како и за понатамошните можности за вклучување на граѓаните во одлучувачките процеси врзани со локалниот развој.

Проектот се спроведува во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Преку проектот досега беа спроведени низа активности за зајакнување на капацитетите на советниците и нивно вмрежување, подобрување на транспарентноста и отчетноста на општините преку примена на иновативни алатки, и зголемување на граѓанското учество во донесувањето одлуки на локално ниво. Почнувајќи од 2018 година одржани се вкупно 125 форумски сесии во 24 општини на кои учествуваа околу 8.500 граѓани, жители од избраните општини.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1