ММС

Објавено на: 07/9/21 2:04 PM

Потпишан Договорот за изградба на интерконекторот за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија

Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија.

На потпишувањето на договорот присуствуваа претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, извршниот директор на „Национални енергетски ресурси” АД Скопје, Бајрам Реџепи, како и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Грција, Џефри Пајат.

Изградбата на интерконекторот има за цел да ги зајакне односите помеѓу Северна Македонија и Грција и Европската Унија, да ја олесни трговијата со природен гас помеѓу двете земји, како и да овозможи и понатамошен развој на мрежата за пренос на гас на Република Северна Македонија. Една од главните предности од изградбата на интерконекторот е подобрување на сигурноста во снабдувањето и ликвидноста на пазарот на гас во Република Северна Македонија и снабдување со гас од Јужен коридор.

„Денеска имавме одлична прилика со мојот драг колега Костас да го потпишеме договорот за изградба на интерконекторот што се однесува до природен гас помеѓу Северна Македонија и Република Грција. Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава и тоа ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето со природен гас, а секако и во стабилноста во снабдувањето со природен гас. Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи во предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи како што се Република Косово и Република Србија. Затоа би сакал да ја искористам приликата уште еднаш да му се заблагодарам на министерот за одличната соработка што уште еднаш е одличен знак за продлабочување на соработката во различни сектори на општеството кај нашите две држави”, кажа министерот Бектеши по потпишувањето на Договорот.

Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Северна Македонија изнесува 54 милиони евра.

 

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1