ММС

Објавено на: 07/9/21 1:49 PM

До вечер ќе се знае од што заболеле децата во Гевгелија: Тим предводен од Софијанова во посета на локалната болница

Во стабилна состојба се децата од Гевгелија кои поради респираторен вирус, имаа потреба од кислородна поддршка. Ова го констатира тимот од Детската клиника предводен од директорката Аспазија Софијанова. Специјалистите од Скопје денеска беа во посета на Општата болница во Гевгелија каде беа хоспитализирани десетици дечиња со ваквиот вирус. Сепак, за што точно се работи треба да покажат дополнителните испитувања од кои резултатите се очекуваат до вечер.

Тимот денеска пристигна со комплетна опрема со цел да се направат испитувања кои ќе покажат дали се работи за вирус, мутација на вирус или пак, некој вид паразит.

„Она што ние го направивме како тим е да земеме за сите деца дополнителни испитувања кои би ги направиле како споредба на веќе преземаните мерки и проколи од страна на колегите колеги, што значи дека во чекорите на згрижување на децата во ниту еден момент не е направен пропуст. Дополнителните резултати се земени од наша страна, ќе бидат доелаборирани антителата за евентуално постковид некоја реакција, дополнително серологија, Д-димери и целоукпна палета на респираторен панел кој го работиме на Клиника. Верувам дека на тој начин ќе направиме јасна дистинкција за што впрочем станува збор“, посочи Софијанова попладнево во изјава за медиумите.

Таа и колегите констатирале дека кај нас се случува тренд кој е застапен и во светски рамки, а тоа е заспаниот имунитет кај децата.

„Заспаниот имун систем кај децата укажа дека сега со раздвижувањето, она што се гледаше во февруари-март и што беше нормална патологија, го гледаме во месец јуни не само во Гевгелија. Тоа го рапортираат и другите градови, а тоа се случува и во Козле. Сигурно дека немаат потреба да дојдат на Клиника, затоа и ние досега не бевме информирани, колегите си ја извршија работата и децата се третирани како што треба. Децата коишто биле лесно кислородно зависни сега се стабилни. Тоа знае да се случи кај тие што се помали и поради самата нивна респираторна функција, но сега и го видовме тоа и двете деца се стабилни“, истакна Софијанова.

Таа укажа дека нема простор за паника и потенцираше дека на Детската клиника има лабараторија со доволно опрема за да се направат потребните испитувања, нешто што е организирано уште од вчера во соработка со Министерството за здравство.

Иако министерот, Венко Филипче претходно денеска изјави дека во друг град нема вакви случаи како во Гевгелија, Софијанова истакна дека оваа симптоматологија е забележана и кај деца од околните градови меѓу кои и Валандово.

„Стигнаа информации кога доаѓавме наваму, но далеку од тоа дека тие деца треба да дојдат кај нас на Клиника, регионалните центри функционираат добро. Ова што се случува сега со ослободувањето на мерките се очекуваше и се очекува. Не само Валандово, еве имам дојава дека и други деца од источна Македонија имаат ваква горнореспираторна симптоматологија, а истиот овој момент го рапортира и Нов Зеланд. Една нова студија на Гардијан покажува дека децата се сега на удар, но не со она за кое стравувавме, туку со она што го очекувавме во период кој не го поминавме така како што очекувавме да го поминеме“, додаде таа.

Од локалната болница уверуваат дека имаат доволно ресурси да згрижат голем број деца.

Бројот на педијатри се’ уште не е на она ниво кон кое се стремиме, но постоечкиот персонал е стручен и одговорен во однос на потребите на моменталната состојба – додадоа од Болницата.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1