ММС

Објавено на: 07/9/21 1:13 PM

Дигитална верзија на  „Т`га за југ“ по повод 60 години Струшките вечери на поезијата

Во годината кога Струшките вечери на поезијата одбележуваат 60-години, на веб страницата на Струшките вечери на поезијата ја поставивме дигиталната верзија на „Poliglota”, заедничко издание на Струшките вечери на поезијата и  НИП „Нова Македонија“, редакција „Детска радост“ од 1994 година.

„Во таа чест, му ја претставуваме на читателот оваа мала книшка со песната Т`га за југ препреана на повеќе јазици како полногласен показ за проникнувањето на литературите ширум светот, како потврда дека големата мисија на литературата е да ги зближи народите од сите континенти и да ја афирмира големата идеја за создавање на иден свет без граници“, истакна приредувачот на ова издание , истакнатиот поет Гане Тодоровски.

Во оваа едиција се претставени 74 адаптации на 43 јазици (преводи, препеви, парафрази,имитации, транскрипции и сплантации) на Т`га за југ од пријателите на македонската поезија, од учесниците на СВП и од почитувачите на уметноста на зборот од сите меридијани на светот, надевајќи се дека ќе продолжи животот на песнава која претставува вистинска драгоценост во културната ризница на еден мал народ, кој веќе со милениуми грчевито се бори за да опстои“.

Освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, издвоени се и препевите на англиски, албански и француски јазик. Исто така, покрај кратката биографска  белешка за Константин Миладинов ќе може да се прочитаат и толкувањата на Т`га за југ.

Поставувањето на ова издание е почеток на проектот за дигитализација на богатата издавачка продукција на Струшките вечери на поезијата која што на овој начин ќе биде достапна за најширокиот круг на читатели.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1