ММС

Објавено на: 07/12/21 12:06 PM

Чест ми е да ги бранам боите на нашето знаме – Пливачот Филип Дерковски ќе ја претставува Македонија на ОИ во Токио

Скопјанецот Филип Дерковски има 20 години, а веќе го живее сонот за кој сонува секој спортист. Младиот пливач  ќе оди на Олимписките игри во Токио каде ќе настапува под македонското знаме. За да дојде до тука „виновни“ се неговите родители, поради кои Филип почнал да плива. Но, сега место  да се занимава со пливање  како спорт за релаксација, нему му станува најголема љубов и страст.

– Со пливање почнав да се занимавам по иницијатива на моите родители. Со тек на време почнав да покажувам добри резултати во моите возрасни категории па самото тоа разбуди дополнителна љубов кон пливањето и желба за поголем успех, вели Дерковски.

Интересно е што Филип пред неколку години тренирал фудбал, но во фудбалот не се пронашол, па пак се вратил на пливањето.  Потоа станал врвен пливач со голем број на награди и признанија.

-Сиве овие години вложив голем труд и напорно работев за да стигнам до Олимписките игри. Во досегашната кариера освоив многу дипломи, медали и пехари, а исто така сум прогласен и за најуспешен пливач на Македонија во сениорска категорија за 2019 и за 2020 година. Имам настапено на многу државни и меѓународни натпревари, неколку маратони на отворени води, а од поголемите натпревари на кои сум учествувал би ги издвоил Светското првенство во Гвангжу,Јужна Кореја во 2019 година, како и Европското првенство годинава во Будимпешта,Унгарија.

Филип вели дека најдобро се чувствува во слободен стил, а тоа е дисциплина со која ќе настапи и на Олимпијада.

-Моментално најдобро се чувствувам во слободен стил(краул), односно основна дисциплина ми е 400 метри слободно со која ќе настапам на Олимписките игри во Токио. Од другите дисциплини би ги издвоил 200 метри и 400 метри мешано на кои покажувам солиден резултат и сметам дека добро ми одговараат.

Филип ни раскажа и на што е најмногу фокисиран кога е во вода. Вели дека тоа е техниката за да биде што поисправна, која ќе му донесе успех .  А мотивацијата, секако,  како и секој спортист му се ОИ, но и самата желба за подобар резултат му создава дополнителен мотив на секој негов тренинг.

-Да се учествува на Олимписките игри сметам дека е сон, а воедно и голем успех не само на мене туку и на секој друг спортист. Чувството да ја претставуваш својата земја и да ги браниш боите на нашето знаме на една ваква огромна спортска манифестација е неверојатно, а јас ќе се потрудам  тој настап да биде во што подобар, кажа младиот пливач кој се  поинтензивно и понапорно тренира за да биде максимално подготвен.

Олимпските игри беа одложени поради Ковид 19, спортистите напорно се подготвуваа за Токио минатата година. Игрите се одложија но спортистите мораа да наоѓаат начин како да се одржуваат во форма. Дерковски открива за тој пандемичен период како успеа да се одржува во форма што смета дека паузата од една година нема да има негативно влијание на неговио резултат.

-Короната не зафати токму 2020год кога требаше редовно да се одржат Олимписки игри. Надвор од базените бев цели 3 месеци што е многу за ваков спорт. Практикував различни вежби на суво за одржување на формата и цврстината на телото кои ми ги испраќаше тренерот, но ништо не може да го замени пливањето. Често се искачував на Водно и трчав на кеј за да ја одржам кондицијата. Помина долг период од кога повторно почнавме со тренирање и сметам дека таа пауза нема да има негативно влијание, напротив целото одложување на Олимписките игри ме направи за една година поискусен и позрел, кажа неуморниот спортист.

А што се однесува до неговата следна цел,  по Токио, тој вели:.

-Следна основна цел ќе биде исполнување на норма за Олимписките игри во Париз закажани за 2024год. Остануваат уште 3 години што е долг период и простор за напорно работење и тренирање за остваруање на целта, додаде тој.

 

 

Весна Петровска

Фото: Ванѓел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1