ММС

Објавено на: 07/9/21 11:01 AM

Четири лица во Тетово се сомнителни на јужноафриканскиот сој

Четири лица во Тетово се сомнителни на јужноафриканскиот сој на коронавирусот, информира денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Одговарајќи на новинарски прашања по неговото излагање на настан посветен на важноста на менталното здравје, тој посочи дека не е секвенциониран делта сојот на вирусот дополнително од тие случаи кои досега беа регистрирани.

„Досега немаме информација дека во која било лабараторија е секвенциониран делта сој дополнително од тие досега дијагностицирани. Утрово разговарав со професорот Димовски од лабараторијата во МАНУ којшто ми кажа дека во Тетово има четири случаи кои треба да се секвенционираат, меѓутоа се суспектни врз основа на оној скрининг којшто се прави, на јужноафриканскиот сој, што значи дека има и други соеви присутни во земјава.  Пристапот е ист – епидемиолошка анкета, скрининг на тестовите и индикација дали да се прави секвенционирање или не.  Значи до утрово и од другата лабараторија во Институтот за јавно здравје и од Жан Митрев, но и од  другите, немаме информација дека има нов случај“, истакна министерот.

Според него, и понатаму нема потреба од заострување на рестриктивните мерки. Смета дека целта е да живееме вакцинирани без да бидеме затворени, а како пример за тоа ја посочи и ситуацијата во Велика Британија.

„Сега е прилично мирна ситуацијата и ова прашање е во делот на вакцинацијата. Тоа треба да биде фокусот, а не да живееме затворени. Тоа беше пристап кога немавме вакцини. Велика Британија има голем број случаи, а ги попушта мерките. Вирусот можеби ќе има и следни мутации и тоа не значи дека треба да се затвораме,туку масовно да се вакцинираме за да може кој било друг бран да го дочекаме спремни. Има предвидувања дека пандемијата ќе потрае. Не знаеме дали ќе биде така, меѓутоа тоа е едно од сценаријата“, додаде тој.

Филипче потсети дека в понеделник почнува теренската вакцинација, а фокусот ќе биде на жителите на Шуто Оризари и на оние од руралните средини. Тој најави дека во текот на денешниот ден ќе биде готов распоредот од сите здравствени домови, а руралните средини во кои ќе тече вакцинацијата на терен ќе бидат јавно објавени и на плакати. Освен тоа, наскоро ќе почне и интензивна интерна кампања со цел вакцинацијата да се промовира меѓу самите здравствени работници, кои се’ уште не се имунизирани.

„Близу 70 проценти од здравствените работници се вакцинирани. Ние ќе имаме уште една интензивна кампања сега посебно за здравствените работници – наша интерна помеѓу вработените со јавно здравствените установи за промоција за вакцинацијата, да видиме зошто не се вакцинирани. Еден одреден процент не се вакцинираа бидејќи тогаш беа заболени. Сега е доволно време поминато и може сите да се вакцинираат“, изјави Филипче.

Тој соопшти и дека повеќе од половината граѓани на возраст над 70 години веќе се вакцинирани, а кога станува збор за оние над 60 години, таквиот процент е околу четириесет. Инаку,  10 до 20 проценти од граѓаните кои добиваат термин не се појавуваат на местото за вакцинација.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1