ММС

Објавено на: 07/9/21 8:24 AM

Комисијата за заразни болести ќе разговара за евентуални рестрикции на границите

На состанокот на Комисијата за заразни болести што треба да се одржи оваа недела ќе се разговара за евентуални препораки во однос на критериумите за влез на границите, но засега нема најава за рестриктивни мерки на границите.

Во моментов, здравствените експерти чекаат да излезат публикации со информациите кои им требаат во врска со тежината на клиничката слика, односно да се види како се однесува делта сојот на коронавирусот кај луѓе кои се или не се вакцинирани.

Акцентот, засега, како што вчера информира министерот за здравство Венко Филипче е ставен на вакцинацијата. Повторно апелираше што поголем број граѓани да се вакцинираат поради тоа што, како што рече, после оваа мутација може да дојде некоја друга.

Филипче смета дека треба да се препорачаат мерки кои ќе бидат ефикасни, но во моментов оцени дека ситуацијата е мирна и нема голем број прегледи по болниците за пациенти суспектни на Ковид-19.

Согласно вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од направени 2.518 тестирања беа регистрирани 19 нови случаи на Ковид-19, а со тоа бројот на активни случаи засега е 156. Најголемиот број од новите случаи се регистрирани во Тетово – 11 и Скопје – осум. Починати пациенти не беа регистрирани во претходното деноноќие.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.760, бројот на оздравени пациенти е 150.118, на починати е 5.486.

Во однос на вакцинацијата на децата против Ковид-19, Филипче вчера истакна дека кај нас нема да биде задолжителна. Тој завчера изјави дека ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер”, што во овој момент е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст и додаде дека досега нема нус појави кај вакцинирани деца.

Тим од здравствени работници вчера во штипскиот Затвор имунизираа 85 осуденици, кои пројавиле интерес да се вакцинираат против Ковид-19. Се прави планот и за посета на сите штипски и карбински села, со цел да им се излезе во пресрет на повозрасното население, кое сака да се имунизира. Во текот на денешниот ден ќе го објават планот, за жителите од руралните средини да знаат кога екипата ќе пристигне во нивното село и каде ќе се аплицираат вакцините.

 

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1