ММС

Објавено на: 07/9/21 8:02 AM

Брз, практичен и еколошки автобуски превоз ќе добие Скопје, сметаат експертите за БРТ

Потребите на граѓаните за користење јавен превоз, трасите по кои ќе се движат возилата на БРТ, организацијата на станиците и наплатата на билетите беа главните теми на кои дискутираа експертите на презентација на системот за брз автобуски превоз во Скопје.

Проф. д-р Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола, отсек за сообраќај и транспорт, каде што држи настава по предметите Јавен градски превоз и Урбани транспортни системи, а магистрирал и докторирал во областа на јавен градски превоз на Универзитетот Пенсилванија во САД, беше категоричен дека Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредување на јавниот превоз.

„Скопје има сериозен проблем во сообраќајниот систем – недостасува брз, високо капацитативен и еколошки превоз кој ќе биде привлечен за граѓаните. Системот за брз автобуски превоз е нов тип на јавен градски превоз, со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните раскрсници, АВЛ и информации за патниците во реално време, како и со паметни билети. Наплатата, односно валидацијата на билетите ќе се врши на самата станица што ќе овозможи што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез и излез на патниците. Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, од крај до крај се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час. Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи овој систем е бодиран како сребрен стандард – меѓу највисоките стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз“, објасни Крстаноски.


Професорот дополни дека физичката издвоеност на трасата во 82% од вкупната должина е со зелен појас, што е најквалитетен начин на издвојување; во централниот дел – околу 400 метри е пешачка зона во која се допуштени само возила на БРТ, а има и неколку кратки делници како улиците 11 Октомври, ВМРО и Кочо Рацин каде што не е можно одвојување со зелен појас, туку со сепаратори т.н армодило.

Генералниот менаџер на израелската компанија РОМ Транспортејшн, Моше Хирш, во своето обраќање пред присустните рече дека нивната мисија е БРТ системот целосно да се интегрира со постојниот автобуски систем кој е стар и треба да се реструктурира.

„Ќе направиме студии за да видиме што им треба на граѓаните на Скопје, каде живеат, каде сакаат да патуваат, во кој временски период и како. Станиците на автобусите од постојниот автобуски превоз и станиците на БРТ ќе бидат најблиску што може. Со воведувањето на БРТ, ќе се подобри услугата и на сегашниот автобуски систем со поголем број автобуси што ќе циркулираат“, објасни Хирш.

Според Градимир Стефановиќ, од англиската компанија ГСТЦ ЛТД од Лондон, кој воедно е и активен член на Лајт Реил Комитетот на Меѓународната асоцијација за јавен транспорт околу 200 градови во светот го имплементираат БРТ транспортот.

„Што е БРТ? Прво и многу важно е да разбереме дека тоа е систем. Систем кој наликува на метро или на лесна железница, за патници коишто секојдневно ќе го користат. Тој систем ќе се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат, но не премногу брзо. Многу градови анализираат многу опции за јавниот превоз, но верувајте дека ова е најпрактичното решение што го добивате за вложените пари“, рече Стефановиќ.

За потсетување, со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1