ММС

Објавено на: 07/8/21 10:58 PM

Поранешниот јужноафрикански претседател Зума се предаде за отслужување на казна затвор

Поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума синоќа одлучи да се предаде на казнено-поправна установа, каде што ќе отслужи 15 месеци за непочитување на судот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Почитувани Јужноафриканци и свету: Ве известувам дека претседателот Зума одлучи да ја испочитува наредбата за затвор“, соопшти Фондацијата „Џејкоб Зума“ преку својот официјален профил на Твитер.

Се додава дека 79-годишниот Зума е на пат да се предаде во казнено-поправната установа во Квазулу-Натал, неговата родна провинција.

Фондацијата соопшти дека ќе издаде целосно соопштение во догледно време.

Уставниот суд на Јужна Африка минатата недела го осуди Зума на 15 месеци затвор за непочитување на судот.

Тој беше прогласен за виновен за намерно одбивање да се појави пред судската комисија која ја испитува корупцијата за време на неговата речиси децениска власт.

Уставниот суд му нареди на Зума да се предаде на службените лица за пет дена или ќе се соочи со апсење.

Ова е првпат во историјата на демократска Јужна Африка, поранешен претседател да биде испратен во затвор.

Експертите велат дека одлуката на Зума да се предаде имала за цел да се избегне крвопролевање и нестабилност во земјата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1