ММС

Објавено на: 07/8/21 9:57 PM

Петер Шмајхел: Судијата направи голема, голема грешка

Храбрата Данска после првите два порази во групата на ЕУРО 2020, го направи едно од поголемите изненадувања на континенталниот турнир. Со три последователни победи над Русија, Велс и Чешка, Скандинавците се пласираа во полуфиналето и ги вкрстија копјата со „домашната“ Англија на легендарниот „Вембли“.

Данска по судиските продолженија вчеравечер загуби со 2:1 од „Гордиот Албион“, но она што го одбележи натпреварот не беа погодоците, тактиката и убавите потези, туку холандскиот арбитар Дани Макели и контроверзната потврдена одлука за удар од белата точка на ВАР собата.

Контакт помеѓу бекот на Аталанта, Јоким Меле и крилот на Манчестер Сити, Рахим Стерлинг, со сигурност постоеше. Но дали контактот беше доволен за пенал за Англија во полуфиналниот судир, тоа е прашањето вредно милион долари, конкретно за Данците, вредно финале на Европско првенство.

Англија за првпат во својата историја се пласираше во европско финале, додека пак јавноста сè уште расправа за спорниот пенал. Поранешниот европски шампион од 1992 година и татко на сегашниот голман на Данска, Петер Шмајхел, воопшто не се согласи со усогласената одлука на Макели и четворицата холандски арбитри во ВАР собата, велејќи дека намерно или ненамерно, тие направиле огромна грешка.

-Тој направи голема, голема грешка за пеналот и ова ќе се дебатира долго време. Тешко е да се прифати бидејќи навистина не беше фаул за пенал. Ќе бев многу порелаксиран и ќе прифатев пораз доколку Англија постигнеше погодок од сите шанси кои ги креираше во текот на мечот. Но за наша несреќа судијата направи голема грешка според мене. Сите велат дека не е пенал, изјави Шмајхел за „BeIN Sports“, а пренесува „Sporf“.

Англија во недела од 21:00 ќе се соочи со четирикратниот светски првак Италија и ќе се обиде да ја израдува нацијата со првиот златен трофеј на ЕУРО.

 

Фото:

sporf.com

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1