ММС

Објавено на: 07/8/21 4:42 PM

Северна Македонија се приклучи во кампањата на Обединетите нации „Сино срце”

На состанок на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција кој беше отворен од страна на Државната секретарка при МВР, м-р Магдалена Несторовска во својство на национална координаторка, учествуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Бил Вуд, раководител на Програмската канцеларија на УНОДЦ во Северна Македонија и регионален советник за сериозен и организиран криминал за ЈИЕ кои дадоа изјави за приклучување на РСМ во кампањата на ОН „Сино срце”, информираат од секторот за односи со јавност при МВР.

-Како земја-членка, потписничка на Протоколот на Обединетите Нации за спречување, потиснување и казнување на трговија со луѓе, особено со жени и деца, нашата држава континуирано се залага за зајакнување на капацитетите, наоѓање на модуси, разменување на искуства преку учество во меѓународни форуми, со цел да се постигнат ефективни резултати во борбата против трговија со луѓе. Срцето обоено во сината боја – како обележје на Организацијата на Обединети Нации – овој пат испраќа порака на солидарност и свесност за  последиците од трговијата со луѓе кои го нагризуваат општеството. Кампањата „Сино срце” се стреми кон подигнување на свеста за проблемите и страдањата на жртвите на трговија со луѓе и нѐ потсетува на ладнокрвноста на оние кои учествуваат во овие криминални дејствија. Со приклучување кон оваа кампања ја изразуваме нашата посветеност во борбата против ова злосторство кое го подрива човечкото достоинство. Приклучувањето кон оваа глобална кампања за нашата земја ќе претставува уште една можност за вклучување во глобалните текови на превенција, јакнење на свеста, вмрежување, размена на искуства, заеднички активности со другите држави, со цел сите обединети да се спротивставиме на трговијата со луѓе. Остануваме на патот да креираме политики, да бараме нови начини да бидеме поуспешни, да дејствуваме, повторно со една цел – да бидеме поефективни во идентификувањето на жртвите, гонењето на сторителите и обезбедување подобра помош и заштита, рече министерот Спасовски.

Во своето обраќање, како што пренесуваат од МВР, г. Бил Вуд ја претстави кампањата „Сино срце“, која е поддржана од 33 земји во светот и истакна дека Северна Македонија е втора земја од регионот (по Србија) која се вклучува во кампањата за подигнување на свесноста за жртвите на трговија со луѓе.

Преку оваа кампања се обезбедуваат средства од Доброволниот фонд на ОН за жртви од трговија со луѓе, особено жени и деца, кој беше воспоставен во август 2010 година за да се даде можност на претставници од различни сектори (владини, граѓански, меѓународни организации и сл.) да соработуваат и да им помогнат на жртвите на трговија со луѓе на опиплив начин, преку обезбедување хуманитарна, правна и финансиска помош на жртвите. Воедно, г. Вуд упати апел до сите присутни да изразат поддршка за кампањата „Сино срце“ преку зголемување на видливоста на кампањата на различни начини преку користете го хаштагот: #EndHumanTrafficking или #AQUIESTOY на социјални медиуми.

По завршување на официјалниот дел, м-р Магдалена Несторовска заедно со членовите на Националната комисија и останатите присутни продолжија со работниот дел од состанокот согласно точките од дневниот ред.

 

 

 

Фото:

Сектор за односи со јавност – Министерство за внатрешни работи


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1