ММС

Објавено на: 07/8/21 1:39 PM

Бројот на вакцинирани во земјава надмина 400 илјади

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 400.235 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.377 граѓани, а вкупно се вакцинирале 12.590 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 640.886 дози вакцини, а ревакцинирани се 240.651 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Според здравствените власти, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 494.389 граѓани.

Со последните бројки 54 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,  52 посто од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина и 39 проценти од населението над 50 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што наведуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1