ММС

Објавено на: 07/8/21 7:00 PM

Море не сум видела во живот, а и срам ми е да облечам „купаќи“ – Атиџе на промоција за прв пат се појави и во „штикли“

Откако Атиџе Муратова се појави во документарецот „Медена земја“ јавноста не престана да се интересира за нејзиниот необичен живот. Велиме необичен, бидејќи иако нејзиното село Бекирлија од метрополата е одалечено стотина километри и сме веќе две децении навлезени во 21 век, сепак,  таа израснала, а и ден денес живее без струја, речиси без вода, а заедно со пчелите, брат и’ и кравата се веќе единствените жители на ова село.

Но, откако се појави, па до денес кај Атиџе се забележуваат многу трансформации, благодарејќи на Сузана Турунџиева, која и помага. Се направи куќата во Дорфулија, за да таа има нормални услови за живот. А што се однесува до неа како жена веќе се видливи промените. Атиџе има нова фризура, веќе ги прави забите, кои и’ беа уништени откако ја напрадна кучето на соседот и и’ остави трајни последици, а на промоцијата на песната и спотот за „Од Бекирлија до Битола“ хероината на „Медена земја“ се појави не само разубавена и нашминкана, туку и со високи потпетици.

-Мачно ми е ама ќе издржам и ќе се научам. И фустанот и сандалите што ги носам ми ги купи Сузе. Јас кога имав 19 години прв пат се качив на „штикли“. И нормално, како за прв пат паднав и од тогаш до вечерва не сум ставила „штикла“ на нога, само ниско. Вечерва ми е прв пат. А и часовникот со пчелки што го носам ми е подарок од Сузе, и таа има ист таков, ни рече искрено Атиџе.

Нејзината искреност и добродушност секој од нас не’ тера да се замислиме што имаме, што немаме, каков живот живееме и дали сме едни од тие за кои, како што се вели „нашле, па зашле“. Бидејќи во ек е сезона на годишни одмори, ја прашавме Атиџе каде таа ќе одмора.

-Сум слушала, сите идат на море ама јас никогаш не сум била. Никогаш во животот не сум облекла „купаќи“. И да треба сега да облечам мене ќе ми биде срам, не можам. Аии,па ќе бидам како гола. Навистина ми е срам. Јас цел живот преку лето сум се капела во Брегалница. Ке облечам маица и бермуди и така ќе се разладувам од жештината. На сред село имаме чешма, но преку лето снемува вода. Затоа сме се капеле во Брегалница, ни рече Атиџе.

Планот на Атиџе и Сузе е овие песни и албумот наскоро да се промовираат и во Турција. Веќе има покани од важни личности во Турција, кои би сакале да ја запознаат хероината.  Тоа можеби ќе биде и најголемата можност Атиџе за прв пат во животот да замине на море.

-Супер е тоа, ќе одиме ќе ги промовираме песните. Не викаат во Турција. А може и ќе видам море, не знам. Ама и да заминам на море јас навистина не знам како ќе се решам да се соблечам во „купаќи“. Навистина ми е срам, многу е тоа разголено , јас сум возрасна жена, ни рече срамежливо таа.

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1