ММС

Објавено на: 07/7/21 10:52 PM

Херојот на Англија се вика Хари Кејн, „Гордиот Албион“ за првпат во историјата ќе игра финале на Европско првенство

Со победата од 2:1 по судиските продолженија, репрезентацијата на Англија ја порази Данска на „Вембли“ и за првпат во својата долгогодишна историја закажа финале на Европските првенства.

Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, денес се впиша во аналите на англискиот фудбал постигнувајќи го победничкиот погодок вреден финале со Италија во 104-тата минута, откако Каспер Шмајхел го осуети неговиот обид од белата точка, но топката среќно му се врати во нозете.

Храбрите Данци во 30-тата минута со фантастичниот погодок од слободен удар на Микел Дамсгард дојдоа до посакуваното водство кое не траеше долго. Пробивот по десната страна на Букајо Сака, не успеа Рахим Стерлинг да го конвертира во гол, затоа што дефанзивецот Симон Кјаер го направи тоа, совладувајќи го сопствениот голман.

Во второто полувреме, „Гордиот Албион“ напаѓаше, Скандинавците се повлекоа на својата половина поради евидентниот замор и успешно оддолеваа на френетичните на моменти напади на Мејсон Маунт, Џејк Грилиш, Рахим Стерлинг и Хари Кејн. Каспер Шмајхел претставуваше непремостлива пречка за „трите лавови“ пред домашната шеесетилјадна публика.

И второто полуфинале на ЕУРО 2020 се одлучи по истекот на регуларниот дел. Саутгејт веднаш на почетокот на продолженијата ги внесе во игра Фил Фоден и Џордан Хендерсон со намера да го освежи средниот ред и да ги наттрча веќе кондициски недоволно подготвените Данци за 120 минути ефективен фудбал на врвно ниво.

Клучниот детаљ на двобојот се случи при самиот крај на првите 15 минути од надополнувањето. Клучниот и најверојатно најспорниот момент, откако Рахим Стерлинг влезе помеѓу двајца играчи на Данска во петерецот и изнуди фаул, според холандскиот судија Дани Макели доволен за удар од белата точка.

Генералниот впечаток е дека крилото на Манчестер Сити повеќе го изнуди контактот, одошто навистина имаше елементи за тоа, но по консултацијата со ВАР собата, Макели му даде знак на Хари Кејн за изведување на ударот. Данска до крајот на мечот немаше енергија за нешто повеќе, олеснувајќи ја дополнително работата на Англичаните за прво финале на интернацинален турнир по цели 55 години.

Земјата која заедно со Шкотска практично ја има измислено оваа убава игра, верувале или не во недела од 21:00 часот ќе дебитира на едно големо континентално финале. По 1966 година и единствената титула светски првак, селекцијата на Герет Саутгејт против Италија ќе го брка вториот огромен успех.

 

Фото:

Twitter / @EURO2020

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1