ММС

Објавено на: 07/9/21 7:01 PM

Од прозорот на спалната во нашата куќа во Охрид се родила недозволена љубов – Со Силви за музиката, семејството и идните планови

Јубилејни 30 години се на македонската музичка сцена, а ова лето пандемијата нема да биде пречка тоа да биде одбележано на достоинствен начин како што и следува. „Силви Бенд“ имаат нова песна a подготвуваат инов албум. За ММС Силви ја раскажа целата приказна како настанала идејата за преработката на старата македонска песна „Ја излези стара мајко“, но и за тоа како ја поминаа пандемиската година, која најмногу удри по нивната фела.

Имате нова песна, како дојдовте до идејата за преработка на стара македонска песна?

Ние веќе полека и во претходните албуми стававме по една преработка на стари македонски композиции. Денес многу артисти ги одработуваат етно нумерите, но мислам дека Влатко остава еден посебен печат на самата песна со неговото аранжирање и секако и јас со мојата изведба. „Ја излези стара мајко“ е трета преработка на нашиот најнов албум. Целата инспирација за самата преработка на оваа песна доаѓа од градот Охрид, бидејќи Влатко е од Охрид, неговата фамилијарна куќа се наоѓа во срцето на Охрид. Во неа порано живеела Македонка која била вљубена во Осман Бег. Додека еден ден седела на прозор поминал Осман Бег и ја викнала мајка си да види кој поминал. Тој прозор е всушност прозорот на нашата куќа во Охрид, на нашата спална. Тоа била забранета љубов, но срцето не бира. Ова беше голем предизвик  кој Влатко се подготвуваше долго време да го направи. Обработувањето на стари македонски композиции е богатство на нашата сцена, но секој артист има поинаков израз. Оваа песна е печат на Влатко и на неговото аранжирање.

Како ја поминавте пандемијата? Со оглед на тоа дека и двајцата сте музичари, а знаеме дека пандемијата тешко ги погоди музичарите, како опстојувате во вакви времиња?

-Бевме засегнати комплетно како и сите на македонската музичка сцена. Но разликата е што поголемиот дел од колегите имаат и друга професија, додека јас и Влатко живееме само од музиката. Последниот концерт ни беше во октомври во Германија поддржан од Министерството за култура, на кој се доделуваа пакетчиња и слично. После тоа се замре, и следеше една поголема пауза за нас.

 

Секогаш морате да имате резерва за такви денови, да не речам „црни денови“. Мора да имате план „Б“. Имавме време да ги одработиме овие подготовки и да не почувствуваме стрес и нерзвоза. Времето главно го поминувавме во студио, бидејќи подготвуваме и нов албум. Нашата ќерка дипломира и сега е тука во Македонија. Многу е активна, членува во неколку бендови, членува во Перија, веќе една година и нешто. До сега има настапувано на Таксират, на холандски фестивал, со други два бенда имаа концерти и настапи. Таа беше поактивна од нас во овој период со настапи.

Дали се подготвувате за летни настапи и што спремате за публиката?

-Моментално планираме јубилеен концерт по повод 30 години „Силви бенд“ во Долни Сарај во Охрид во август, и мислам конечно најверојатно ќе се реализира. Подготвуваме исто така и настапи, веќе закажуваме за во иднина, а досега и настапивме на неколку места. Си подготвуваме, со проекти кои се барани, со сите аранжнмани, виолински, дувачки…

Моника П.Насковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1