ММС

Објавено на: 07/7/21 7:00 PM

Научив да станам подобар од себе – Игор Талевски успеа да ја извозе цела Америка со велосипед

„Луѓето кои влегуваат во овие ултравелосипедски трки не се инспирирани од награди, не стануваат светски шампиони. Единствена мотивација е себенадминување. Секој од нас се појавил за да стане подобар од себе. На крајот од денот не е важно дали си прв или дваесетти, туку дали си дал повеќе од себе и си станал подобар од себе“, се првите импресии на велосипедистот Игор Талевски, кој во разговор за ММС го раскажа неверојатното искуство од учеството на трката ТрансАм низ САД на која помина 6.800 километри од западното до источното крајбрежје.

Игор Талевски (43) од Скопје почнал да се заминава со велосипедизмот од пред три години, а со алпинизам од 1998 година.

– Во алпинизмот многу се пронајдов, бидејќи од внатре чувствувам потреба да работам нешто што ме носи до некои граници и да гледам некои работи кои обичен човек не гледа. Ултравелосипедизмот е друг начин тоа да го работам. Велосипедизмот е многу поедноставен, за 15 минути сте во тренинг. Мене ми е нормално да излезам во 6 часот наутро и да ме нема цел ден. Велосипедизмот ти дава можност и да се исполниш и на друг начин, не само спортски – истакна Игор Талевски.

Првата ултрамаратонска трка на Игор му била во Хрватска каде што возел околу 1.500 километри. Таа му била прва откако го добил друмскиот велосипед и подготовка за она што следувало потоа, трката Италија-Норвешка во должина од 4.500 километри која е многу покомплексна трка.

– Кај овие трки се работи за престиж во таа ултра велосипедска заедница. Нема награда, нема ништо, само за себе. Овие настани се без поддршка, немаш тим позади тебе. Мораш сам се да носиш, специјални торби со храна и облека, резервна опрема за велосипедот, да направиш логистичко планирање.  Во Хрватска имав некој просек од 380 км на ден, завршив 9-ти од 40-тина возачи и си реков, јас изгледа сум добар во ова и решив да одам на трката Италија-Норвешка која е 4.500 км. На таа трка имав просек од 340 км дневно и завршив десетти од стотина стартери. Трките ме задоволуваат спортски, ми помагаат да се движам малку побрзо – рече тој.

Трките на кои вози Игор се интензивни психофизички, но тој е убеден дека секој може да ги извози, ако успее ментално да се исклучи од околината, да стане наутро со  мисла дека треба да вози и да ужива во возењето.

– Ние не бркаме пласман, време и немаме големи просечни брзини. Клучна работа е ако си вљубеник во шетањето, да сакаш да бидеш физички активен и да сакаш да возиш велосипед. Има компететивна нишка која ти помага. Заедницата која што го прави ова потекнува од 20-те години на минатиот век. Тоа се луѓе за кои возењето од 300-400 километри не е ништо. Кај нас допрва тоа треба  да го развиеме на едно ниво. Јас не сум единствен, има луѓе кои учествувале во ултратрки. Јас сум се одлучил за дисциплина која што е без поддршка, исто како алпинизмот. Него го работев сам со мојата сопруга, бевме мал тим и навикнат сум. Имав внатрешна потреба сам да се соочам со било каков предизвик. Многу е подобро и тоа си го пресликав и во овој спорт – додаде тој.

Игор  ја заврши само-поддржаната трка со велосипед низ САД на шестото место од вкупно 42 учесници. На трката не е дозволено да имаш поддршка. Секој возач си има трекер и тоа сателитски на мапа, кој покажува каде е во реално време. Публиката ги следи велосипедистите на секој чекор и излегува на улица да ги поздрави и да им понуди храна и сместување, но тие не смеат да ги примаат подароците затоа што тоа се правилата на трката. Во трката ТрансАм секој има подеднаков пристап до ресурси. Игор вели дека тркачот не смее да спие кај пријател освен ако истиот не реши да ги прими сите тркачи на спиење кои ќе пристигнат. Тоа е пишано правило и општо прифатено.

– Трката ја завршив за 21 ден со просек од 320 км што беше доволно за шесто место. Имаше помалку возачи поради пандемијата, недостасуваа возачи кои ќе ја направеа трката споретски пожестока. Од аспект на проблемите, при транспортот вилушката ми беше свиткана, едвај го ставав тркалото, а едниот менувач ми беше скршен. Но, тоа не ми сметаше толку затоа што неколку месеци пред тоа се подготвував логистички за секој километар детално од вкупно 6.800 километри. Проучував на која бензинска да земам повеќе храна, или каде да спијам. Толку време ми одзема ова што проблемите со велосипедот ми беа минорни. Ова одзема голема енергија и затоа кога стигав, едвај чекав да стартувам и почне приказната – раскажа Игор.

А, приказната почнува од западниот брег. Велосипедот и торбите на Игор тежеле околу 20 килограми. Морал да носи течности, малку храна, зимска јакна, вреќа за спиење, водоотпорна облека…

– Твој избор е дали ти ќе возиш на снегот или дождот, или ќе спиеш. Тоа се одразува на пласманот. Некој ќе има среќа да го избегне снегот, некој ќе нема среќа. Оваа трка е толку долга што пласманот не зависи од тоа колку добро си се подготвил. Може да си супер подготвен, но од многу часови возење може да ти се појават проблеми во седалниот дел поради триењето. Да не зборуваме за проблеми со велосипедот. Јас давам најдобро од самиот себе и не се оптоварувам со пласмани. Бев подготвен на секакви услови. И на претходните трки имало сурови временски услови, но алпинизмот ме научи да трпам малку повеќе и да стиснам заби. Кога ќе научиш да не плачеш во услови кога си над земјата, кога си на земја каде што можеш да застанеш, не е проблем – откри тој.

Ултравелосипедистот вели дека овој спорт бара сериозна ментална подготовка затоа што на трката си оставен сам на себе, понекогаш мораш да спиеш на отворено и во лоши временски услови и ако не сфатиш колку е сериозен подвигот џабе е физичката подготвеност.

– Јас обично гледав да спијам на секои два дена во некој хотел, најмногу поради хигиената и одморот. Можеби ќе дојдеш во хотел во 20 часот, но во 12 полноќ тргаш. Јас имам временска рамка од 4-4,5 часа. Реално не спиеш толку,  има адреналин, оптоваран си дали ќе те стигне некој. Доаѓаш, се тушираш и заспиваш од премор. Оваа трка беше брутална од аспект на висинската разлика. Многу луѓе мислат дека тоа се само 6.800 км. Но, секој од нас направи искачување од 50.000 метри. Тоа е како 60 пати Водно да си го качил во тие 20 дена. Јас сум правел искачувања по 2.000-3.000 метри на ден, но таа дистанца е брутално стрмна. Толку искачувања на такви места не сум доживеач и е стварно едно од потешките трки.  Трката во САД е брутално измачување на граница со човечко малтретирање. Такво чувство имаш, толку е стрмно што во некои држави тоа траеше по цел ден. На пример, во Канзас нема кривини и нагорнини и тука возиш и се одмараш. Но, во Колорадо, Вајоминг и во уште некои држави е многу тешко – откри детали од патешествието нашиот ултравелосипедист.

Игор Талевски е навикнат на овие трки, има голема инспирација која му помага да ги тргне мислите на страна кои сакаат да му ја преиспитаат желбата и мотивите.

Вели дека овие мисли може да го натераат човек да се откаже среде трка, но тој научил како да ги игнорира.

– Секој може да го извози патот, но треба да знае да го истрпи тоа.  На ваква долга трка поминувам низ три циклуси. Во првите два дена имаш огромен ентузијазам или адреналин затоа што си се подготввувал и едвај чекаш да почне. Потоа те удира реалноста и умот и телото ти велат, „чекај ова ти 20 дена ли ќе го правиш?“. Тоа постои и треба да го игнорираш. Во слседните денови се се стишува и се додека умот ти вели дека е добро, телото почнува да се регенерира. Како што одминуваше времето, јас се чувствував подобро. После стартот, стануваш најегоистичен човек на светот, не те интересира ништо и гледаш само да преживееш од таму до таму. Ништо друго не постои, имаш цел да преживееш – вели Игор Талевски за една од најтешките велосипедски трки во светот.

Орце Костов

Фото: Вања Мицевска/ приватна архива

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1