ММС

Објавено на: 07/7/21 11:23 AM

Кире, брат си ми, Бог си за мене, плачејќи Ленче по тешката операција му се заблагодарила на донорот – Поклон до земја за хуманоста и животната борба на двајца кочанчани

„Му реков ти си ми веќе брат, ти си Бог за мене. Затоа први септември веќе со години го славиме како наш заеднички втор роденден и така и ќе продолжи додека сме живи“. Вака Ленче Манова (44) од Кочани ја почна приказната за болеста со која се соочила пред 10тина години, кога животот и висел на конец и ако не бил нејзиниот сограѓанин Киро Стојов веќе одамна ќе била меѓу починатите. Животната пориказна на Ленче и хуманиот подвиг на Кире никогаш не треба да се заборават.  Тие се доволен доказ дека во животот се е можно и дека да се биде хуман е најсветото нешто.

А се почнало пред повеќе од една деценија, кога на Ленче и кажале дека е болна и дека доколку не направи трансплантација на црниот дроб нема да преживее. Тогаш и почнува голготатата и борбата за живот. ММС се обиде низ приказните на Ленче и Кире да покаже дека човек не треба да се откажува во било која мака, дека секогаш ќе се најде излез. Ќе се најде човек да пружи рака за помош. И на крајот на краиштата никогаш не треба да се биде себичен, бидејќи никогаш не знаеш што може да те снајде во животот.

-Пред 11 години ми беше дијагностицирана болеста и борбата за живот траеше со години. Имав некои симптоми и почнав да одам по лекари, по разни прегледи. Испитав многу работи, за да крајот се дојде до заклучок дека треба да се направат уште и анализи на црниот дроб. По две години лекарите дојдоа до конечната дијагноза- примарна билијарна цироза. Страшно. А имав само 33 години. Многумина сватија дека цирозата е болест поради алкохол, но не е така, бидејќи има неколку видови цироза. Мојата е автоимуна болест, односно појава на склерозни жолчни канали и кога се склерозни доаѓа до нефункционалност на жолчката. Кога жолчката не функцинира доаѓа до оштетување на црниот дроб. Потоа ми се појави  тромб на вена порта, дојде до загадување на крвта и сето тоа доведе до потреба од трансплантација на црниот дроб. Во вакви случаи трансплантацијата не се прави веднаш туку кога ќе дојде до влошување на состојбата, а никој не може да предвиди кога ќе дојде до влошување. Можно е тој процес да трае пет или 10 или 20 години, но кај мене дојде многу брзо, по само четири години, вели Ленче.

 

Во тој момент лекарскиот совет како да се спаси нејзиното здравје воопшто не и влевало надеж, бидејќи од една страна трансплантацијата била многу скапа, не знаела како ќе обезбеди пари, а од друга многу тешко, речиси и невозможно да најде донор на црн дроб, бидејќи операцијата е ризична и за донорот. Но, како што вели таа, имало Господ да и го покаже патот до оздравување.

-Измешани чувства, страв, неизвесност. Почнав да барам донор и секако средства затоа што таква трансплантација не се прави кај нас, туку во странство.  Пред многу да ми се влоши состојбата бев во Турција и најдов лекар, но таму каде најдов не ми дозволија од нашиот Фонд за здравство. Прво ме праќаа во Загреб, иако таму не можеше да се направи таква операција,  таму прават само од починат донор, а јас едвај најдов жив. Имав и  еден куп проблеми со Фондот, па морав адвокат да најдам за да тужиме, за да по скоро три години борба со Фондот конечно ми одобрат и ме испратат во Анталија. Собирав и хуманитарна помош бидејќи парите од Фондот не ми беа доволни, само операцијата чинеше 150.000 евра, се присетува Ленче.

Кога сега Ленче си го враќа филмот на тој дел од животот, најпрво што и текнува е големата благодарност која ја чувствува кон Кире, која , како што вели, нема да ја заборави додека е жива.

-Додека трчав да ги средувам документите, паралелно со тоа и барав донор. Кога само ќе помислам каков страв преживеав тогаш и каква голгота, немам зборови. Секаде беше распространет гласот дека ми е потребен донор, бидејки членовите на моето најблиско семејство се со сериозни болести и не можеа да ми бидат донори. Сестра ми има мултиплекс склероза, мајка ми има бајпас, а татко ми е дијабетичар.  Со Кире сме пријатели и соработници одамна. Кога се влоши мојата здравствена состојба тој ме посети во болница и ме праша- како може да ми помогне, ако е возможно. Му кажав каков ми е проблемот, зошто моите не можат да ми бидат донори и зошто ми е потребно некој друг да ми пружи рака за спас.  Јас разбирам дека и за нив не било лесно,  требаше некој да оди под нож, тешка операција е и никој не сакаше да се нафати да ми помогне. Секако освен Кире. Не знам од каде Кире ја има таа храброст, таа сила, сепак, голема одлука е. Ама знам дека ќе му бидам благодарна цел живот. Тоа што тој се сложи беше супер, но имаше уште два проблема. Дали неговиот црн дроб ќе биде компатибилен, а и му требаше и поддршка од неговото семејство. Среќа се погоди Кире да биде здрав и компатибилен и неговото семејство да се сложи да биде донор, додава Ленче.

Надежта дека и покрај тоа што е многу тешко, сепак, ќе се најде некој кој ќе и помогне, никогаш не ја напуштила. Таа постојано верувала дека некој ќе се најде да ја спаси и да се излечи.

 

-Вербата и надежта дека ќе најдам донор никогаш не ме напушти и покрај тоа што беше многу тешко, речиси и невозможно.  Имаше периоди кога никој не се пријавуваше и мислев дека до тука е моето, до тука ми било пишано да живеам. Но, и покрај тоа никогаш не ја изгубив надежта дека сепак нешто мора да излезе, дека спеак некој ќе се пријави. Бев подготвена и по Социјалните мрежи да барам донор, но ете се појави Кире во мојот живот и ме спаси. Кочани е мал град и многу брзо се прошири веста дека барам донор, а ми помагаа и од Клиника, од гастро, ми даваа насоки. Но, ете имало Господ. Навистина имав голема верба во Бога, не изгубив надеж и ете се поклопија коцките. Додека одев по болниците постојано ми одеше низ глава мислата дека мора да се појави човек.  Но, и кога се сложи Кире имаше друг проблем. Не е исто починат донор и жив донор. Трансплантација на орган од жив донор е дозволено само до трето колено , а ние со Кире не бевме роднини. Па, затоа требаше да поминеме низ Комисија за етика, за да не се сомневаат на продажба на органи, вели Ленче и додава:

„Кога се разбудив после операција, кога прв пат го видов Кире почнав да плачам. Па и ден денес кога ќе помислам на тој момент плачам.  Не можев да поверувам дека постои човек кој е подготвен да си го ризикува животот и да легне под нож, а притоа не ти е роднина, бидејќи имав поблиски кои можеа ама не се нафатија. Кога го видов Кире по операција му реков – „Братче си ми, ти си Господ за мене“. И вистина е така, јас немам брат, имам сестра ама тој за мене е брат. И не дај Боже некогаш во животот нешто да му затреба, јас ке бидам тука за него и неговото семејство. Тоа што Кире за мене го направи нема цена, но секогаш ќе бидам тука да помогнам колку што можам.  Кире е многу скромен, но јас колку можам ќе бидам покрај него за да му се најдам, тоа е моја должност додека сум жива. Можеме да не се видиме и по еден месец ама јас го чувствувам, рече таа.

На крајот од разговорот Ленче посака да упати порака до сите. Таа вели дека никогаш не се знае човек што може да го снајде во животот и секогаш е можно  да се појави некоја нова Ленче, па затоа е многу потребно и да се појави нов Кире.

-Затоа сакам од срце да порачам на сите да го следат примерот на Кире. Така мислам дека ќе биде поубав светот за сите не само за болните. Таков човек како него ми се чини дека не се раѓа. Јас благодарение на него воздухот го дишам, бидејќи претходно неможев воздух да земам, не можев очи да отворам, не можев да станам. Бев немоќна. А сега функционирам најнормално. Тоа што Кире го направи нема цена. Мене ми се врати среќата во животот. И затоа со Кире на први септември заедно го славиме нашиот втор роденден, трансплантацијата се случи на први септември. Се собираме јас, тој и нашите семејства и цел ден се дружиме. Но, не е само тој ден, кога можеме се гледаме и други денови, се почитуваме. Навистина функционираме како брат и сестра, ни рече Ленче за крај.

За да биде оваа приказна комплетна е невозможно без Кире Стојов од Кочани. Човекот на чија храброст сите треба да му се поклонуваат. Кога го побаравме, тој за ММС  рече: „Не можев да дозволам млад живот да згасне“.

-Се се случи пред пет години. Девојчето се мачеше веќе подолго време и ми кажа дека многу од луѓето што ги прашала не се нафатиле. Кога ми  кажа јас без размислување реков- нема проблем! Бевме на испитување и се установи дека сме компатибилни. Кога заминавме во Анталија на неа и се влоши состојбата уште повеќе и лекарите веднаш реагираа. Прво јас влегов на операција, која траеше шест часа. Ми земаа 70 проценти од црниот дроб, за да го дадат на Ленче. Двајцата лежевме 22 дена во болница, бевме под лекарски надзор. Секојдневно не гледаа за да видат како функционираме. Потоа уште две недели седевме за контролите и кога видоа дека се  е во ред се вративме. Ми кажаа дека  тој дел од црниот дроб ќе ми се обнови и сега веќе е се во ред, обновен е, вели Кире.

И покрај овој преголем хуман гест тој морал да се соочи и со малограѓанштината во Кочани. Се што направил Кире, направил хумано, но и него и Ленче долго време ги озборувале дека се било направено за пари.

-Да, ова го направив исклучиво од хуман аспект. Навистина ми беше жал да згасне млад живот. Но, имаше шпекулации дека ми дале пари, што не е точно. Навистина не озборуваа дека ми дале пари. Дека ми платиле 50 илјади евра, што е многу смешно. Градоначалникот на Кочани кога ми даде благодарница и за тоа озборуваа, дека тој ми дал пари. Што не се изнаслушав за овие години. Страшна работа е тоа колку луѓето се ниски. Испаѓа да не се нафатиш да помогнеш некому, вели Кире и додава:

-Не ми беше страв воопшто. Повеќе ми е страв да зборувам јавно на бина, отколку да помогнам.  Кога бев на консултација кај лекарите во Анталија, кога почнаа да зборуваат за можните последици по моето здравје доколку донирам дел од црниот дроб, јас само им реков- стоп! Не сакам да слушам, не сакам да знам, не ми кажувајте ништо. Што биде нека биде, јас веќе решив да помогнам на девојчето. Ленче по операцијата цел ден преплака.  Ми се заблагодаруваше, ме прашуваше како сум се одлучил. Но, и на неа и реков:- Не мисли ти на тоа, ете сум се решил и готово веќе. Најважнио е дека сега си супер“, вели Кире.

И Кире потврдува дека со Ленче сега се како брат и сестра.

-Сега се викаме брат и сестра. Блиски сме, се дружиме. Сега со здравјето е добра и навистина ми е драго. Да, навистина тоа што го направив не е мала работа, но јас на таа тема често знам да се пошегувам. Велам- ај што не отишло, па и црн дроб. Сега веќе и контролите се многу ретки, годишно по еднаш ама нема потреба и од тоа, се е добро.  Обновен ми е целиот црн дробе. Терапија примам само за маснотии и за притисок. Другото се е ок. Важно е што и јас и Ленче сме добри. Мислам дека во Анталија ја извадија од мртвите. Затоа ми беше жал, за нејзината младост,  не можев да ја гледам како пропаѓа.  Првите години болеста не се забележуваше толку, но последните беше лошо. Посакувам сите да бидеме живи и здрави, никогаш никој да нема потреба од донор, но кога веќе ќе дојде до тој проблем, навистина треба да бидеме хумани, да си помагаме, ни рече Кире на крајот.

Весна Миленковска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1