ММС

Објавено на: 07/7/21 9:50 AM

Граѓаните масовно да се вакцинираат, сите вакцини се безбедни – апелираат здравствените власти

По детектирањето на седум пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се испостави дека тие не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат, соопштија денеска од Министерството за здравство.

Оттаму наведуваат дека вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот во земјава, а со тоа де се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот.

-Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта сојот има висока трансибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат, посочуваат во соопштение.

Од МЗ појаснуваат дека сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот или другите соеви на SarsCov2 е вакцинацијата.

Притоа, додаваат дека сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни, признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат.

-Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна. Веќе од понеделник 12 јули, вакцинацијата во државата ќе се одвива и без закажан термин, а ќе започне и теренската вакцинација така што вакцините ќе бидат достапни до секого и секаде, се наведува во денешното соопштение од здравствените власти.

Министерството за здравство апелира до граѓаните дека е важно да спрoведеме брза и ефиксна вакцинација, затоа упатува апел и повик до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да се вакцинираат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1