ММС

Објавено на: 07/5/21 9:01 PM

Германија, Шпанија и Шведска бараат конкретни чекори за глобално нуклеарно разоружување

Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, и неговите колеги од Шпанија и Шведска денес ги повикаа сите нуклеарни сили значително да ги намалат своите арсенали пред конференцијата за нуклеарно разоружување од висок профил во Мадрид, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во заедничката колумна за германскиот дневен весник „Рајнише пост“ по повод состанокот на Стокхолмската иницијатива за нуклеарно разоружување, Мас, Аранча Гонзалес Лаја и Ан Линде ги повикаа нуклеарните сили „да ја намалат улогата на нуклеарното оружје во нивните стратегии и доктрини“.

Тие исто така повикаа на „понатамошно намалување на залихите на нуклеарно оружје и поставување на темели на новата генерација договори за контрола на оружјето“.

„Ние мора да ставиме крај на тестирањето на нуклеарно оружје еднаш и засекогаш со конечно ставање во сила на Договорот за забрана на нуклеарно тестирање, повторно започнување на преговорите за договор за забрана на производство на материјал за фисија за воена употреба и повторно започнување цврсти и веродостојни можности за верификација на чекорите за нуклеарно разоружување“, додадоа министрите.

Шеснаесет земји се обединија во Стокхолмската иницијатива во главниот град на Шпанија за да промовираат намалување на нуклеарното оружје низ целиот свет.

Надежите за нуклеарно разоружување беа разгорени по средбата на самитот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин во Швајцарија кон средината на јуни.

Двете најголеми нуклеарни сили во светот се согласија да разговараат за нуклеарно разоружување.

Водечките меѓународни истражувачи на мирот гледаат знаци на загрижувачки пресврт во глобалните нуклеарни резерви.

Вкупниот број нуклеарни боеви глави продолжи да опаѓа, како што беше наведено во годишниот извештај објавен од Стокхолмскиот институт за истражување на мирот (SIPRI) во средината на јуни.

Се проценува дека во моментов има околу 13.080 атомски боеви глави распоредени низ светот и дека бројката на нуклеарно оружје сега е поголема во споредба со пред една година.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1