ММС

Објавено на: 07/5/21 6:21 PM

Палестинскиот новинар кој во израелските напади ги загуби нозете, домот и канцеларијата не се откажува од своите соништа

Палестинскиот новинар Мумин Курајка, кој ги загуби двете нозе во нападите извршени од Израел врз Појасот Газа во периодот 2008-2009 година, во последните напади го загуби и медиумот што го основаше работејќи долго време.

И покрај тоа што се движеше во инвалидска количка, 33-годишниот Курајка, кој никогаш не ја изгуби надежта и не престана да се обидува да ги оствари своите соништа, за Агенцијата Анадолија ја раскажа приказната за основањето на медиумската компанија што беше уништена во нападите на Израел врз Газа во мај.

Истакнувајќи дека долго време се лекувал по нападите во 2008-2009 година, во кои ги изгубил нозете, Курајка рече дека по завршувањето на процесот на лекување се вратил на својата професија со цел на целиот свет да му ги соопшти сите злосторства извршени од Израел.

– „Ги изгубив нозете, но продолжувам да работам“

Наведувајќи дека неговата физичка состојба не може да го спречи да ја извршува неговата работа, палестинскиот новинар рече: „Ги изгубив нозете, но продолжив да работам како новинар. Станав пример за новинарите кои се во слична ситуација како мене.“

Посочувајќи дека долго време сонувал да основа меѓународна медиумска компанија која ќе произведува палестински вести на различни јазици, Курајка рече дека презема чекори да го оствари овој сон во следниот период.

Истакнувајќи дека има направено важен чекор кон остварување на својот сон и дека успеал да отвори канцеларија во 7-катната зграда наречена „Ал-Валид“ во Газа само 5 месеци пред израелските напади во мај, Курајка рече дека еден период работи на тоа неговата компанија да ја претвори во меѓународна.

– „Израел откако ги зема моите нозе, се обиде да ги земе и моите соништа, но во тоа нема да успее“

Курајка, чија куќа во населбата Шуџаије во Газа беше целосно уништена во нападите на Израел во 2014 година, рече:

„Во 2008 година Израел ги одзеде моите нозе, во нападите во 2014 година мојата куќа, и на крај, во нападите во 2021 година моите соништа.“

Нагласувајќи дека нема да се предаде, дека сè ќе започне одново, палестинскиот новинар продолжи со зборовите:

„Повторно ќе ја отворам мојата компанија. Ништо нема да ме спречи да го сторам ова. Израел се обиде да ми ги одземе соништата, исто како и нозете, но тоа нема да успее. Ќе го исполнам својот сон; ќе продолжам да ги откривам прекршувањата насочени кон Палестинците.“

– Особено беа нападнати медиумските организации

Подвлекувајќи го фактот дека Израел ги насочил последните напади кон медиумските организации, Курајка истакна дека на овој начин Израел се обидел да ги спречи новинарите во Газа да испраќаат по светот вести, фотографии и инсерти за цивилните жртви предизвикани од нападите во зградите каде што живеат жени и деца.

Курајка наведе дека и покрај овие прекршувања од страна на Израел врз новинарите, неговите колеги продолжиле да му ги соопштуваат настаните во Газа на светот.

Според извештаите објавени од организациите за човекови права, Израел извршил 51 прекршување врз новинарите во последните напади врз Газа.

Еден новинар го загуби животот во напад врз неговиот дом, а многумина беа повредени. И тој напад се наоѓа меѓу овие прекршувања.

Нападите започнати од Израел врз опколениот Појас Газа завршија на 21 мај, во согласност со примирјето постигнато со Хамас.

Најмалку 254 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени, ги загубија своите животи во израелските 11-дневни напади врз Газа.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1