ММС

Објавено на: 07/5/21 12:46 PM

МТСП со допис побарало можност за зголемување на бројот на деца во градинките: Се чека одговорот од здравствените власти

Министерството за труд и социјална политика испратило допис до здравствените власти, со кој од Комисијата за заразни болести се бара можност за прием на повеќе деца во градинките ширум земјава. За ова денеска информираше ресорната министерка, Јагода Шахпаска која оценува дека епидемиолошската состојба е стабилна.

„Во еден наврат ние го проширивме бројот на деца за да бидат наместо 15, 20  деца присутни во групите.  Испративме нов допис со оглед на епидемиолошката состојба во државата којашто е стабилна, да може да се зголеми бројот на деца надвор од протоколите,  секако со почитување на мерките за превенција од  инфекција со ковид-19. Значи Комисијата  за заразни болести треба да одговори околу проширувањето на бројот на деца  во градинките“, изјави Шахпаска.

Според неа, важно е децата да доаѓаат во средина во која сите се вакцинирани за да може на овој начин да се превенира ширењето на коронавирусот. МТСП испратило допис и во врска со ова прашање, барајќи од надлежните да се овозможи вакцинација на вработените во градинките, а кои не се ниту воспитувачи ниту негуватели.

„Вакцинацијата како процес масовно тече во државата,  непрекинато се одвива. Голем дел од вработените во градинките се пријавија на нашиот повик доброволно за да бидат вклучени во процесот на вакцинација. Меѓутоа, сега дополнително списоците со останатите вработени се испратени до Комисијата за заразни болести. Ние сме во дневна комуникација со нив околу правењето приоритети и важноста колку е значајно вработените во градинките да бидат  вакцинирани. Тука не зборувам само за воспитувачи и негуватели, туку и за стручните соработници, готвачите, но и помшниот технички персонал“, додаде министерката.

Инаку, вработените во градинките беа имунизирани уште во април како дел од таканаречената критична инфраструктура. Тие ја примија вакцината Спутник В заедно со вработени во МВР, АРМ, новинарите, возачите на автобуси и пожарникарите.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1