ММС

Објавено на: 07/4/21 4:27 PM

Алијанса за Албанците може да коалицира и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, најави Таравари во пресрет на локалните избори

Алијансата за Албанците засега нема став за резолуцијата која ВМРО-ДПМНЕ планира да ја поднесе во Собранието во врска со „црвените линии” за преговорите со Бугарија, изјави денеска партискиот генерален секретар Арбен Таравари, најавувајќи дека партијата утре или задутре ќе излезе со конечен став дали ќе ја поддржи најавената резолуција.

Во однос на коалицирањето со други партии на претстојните локални избори и дали тој ќе се бори за нов мандат за гостиварски градоначалник, Таравари изјави дека за тоа ќе одлучат партиските тела, но додаде дека има големи шанси тој да биде кандидат на АА за Гостивар.

Тој најави дека изборот на кандидати за локалните избори во октомври во коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе почне на 15 јули, а на 15 август ќе бидат објавени кандидатите за сите општини каде ќе се натпреварува оваа коалиција.

– Апсолутно ќе имаме коалиции. На локални избори победуваат оние кои имаат најмногу коалиции со разно разни партии. Ќе видиме по структурата на население во општините, така и ќе постапуваме. Најверојатно во Гостивар ќе се обидеме да направиме коалиција и со македонска партија, со две-три кои функционираат, со турски партии, ромски партии… Ќе се обидеме да соработуваме со сите партии, бидејќи овде не се гласа за партија, туку за личност, изјави Таравари.

Тој посочи дека за Алијансата за Албанците коалиции се можни со сите партии, вклучувајќи ги и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1