ММС

Објавено на: 07/4/21 11:26 AM

Заев со честитка за Денот на независноста на САД: Американската демократија е водилка и инспирација во светот

Традицијата на американската демократија е водилка и инспирација за сите прогресивни демократии во светот. Посебно значајно е што новата администрација на претседателот Бајден го најави уште поголемото присуство на САД во Европа за реафирмација и развивање на силното транс-атлантско партнерство, порачува премиерот Зоран Заев по повод четврти јули, Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

-Како стратешки партнер на САД, Северна Македонија е посебно горда што од 2020 година, Северна Македонија и САД се сојузници и во НАТО, најсилната воено-политичка алијанса во историјата на светската цивилизација. Од нашата независност до денес, нашата држава во САД има голем и посветен партнер и поддржувач и секогаш кога земјава беше ставена пред сериозни предизвици, имавме помош и поддршка за заедно да ги надминеме премрежјата и проблемите со бевме соочени, напиша Заев во честитката на својот фејсбук профил.

Нашите граѓани, додава, денес уживаат поголеми слободи и права, во постабилна, побезбедна и попросперитетна држава и заради нашето партнерство и сојузништво со САД, и заради поддршката што земјата континуирано ја добива низ разните програми за поддршка на развојот на нашата демократија и институции.

-Во мое лично име, во име на Владата и во име на сите граѓани на Северна Македонија, им го честитам 4 Јули, на сите граѓани на САД, порача премиерот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1