ММС

Објавено на: 07/3/21 8:02 PM

Лидерот на домородните заедници во Канада: Целта на Црквата беше да се испере мозокот на нашиот народ

Кадмус Делорм, лидерот на домородната заедница Први нации на Ковесес во Канада, каде што се наоѓаше и поранешното интернатско училиште во провинцијата Саскачеван, изјави дека Црквата имала само една цел, а тоа е да се осигури дека членовите на домородната заедница ќе престанат да се молат според своите верувања и да им го испере мозокот на нивните потомци.

Заедницата Ковесес е една од неколкуте таканаречени Први нации, како што се нарекува домородното население во Канада, потомци на Инуитите и Мерисите.

Во разговор за Агенција Анадолија, Делорм потсети на гробовите на стотици деца од домородните заедници, чии посмртни останки беа откриени во необележани гробови на местата на некогашните црковни интернати во канадските провинции Британска Колумбија и Саскачеван.

Како што рече, сè започнало во 1885 година кога Римокатоличката црква изградила една црква. Истакна дека Црквата во тој период започнала да надгледува и едни гробишта.

„Канадската Влада тука изгради и интернат и ѝ го предаде надзорот на Римокатоличката црква. Сите што одеа во Католичката црква од 1885 до 1972 година и починаа за време на престојот во тој интернат се погребани на тие гробишта“, рече Делорм.

Раскажа дека во тоа време на гробовите имало надгробни споменици.

„Свештеникот во тоа време имал можност да ги спаси тие гробници, но не го сторил тоа. Тие надгробни споменици се отстранети во 1962 година. Повеќе од 700 необележани гробови што денес ги пронајдовме се всушност тие гробови. Ова не е масовна гробница, туку необележани гробови. Тука има повеќе од 751 гроб на деца“, рече тој.

– „Единствената цел на Црквата беше перење на мозокот на нашата раса“ –

Делорм истакна дека Римокатоличката црква и канадската држава се одговорни за трагедијата во црковните интернати.

„Црквата имаше само една цел, а тоа е да постигне да престанеме да се молиме во согласност со нашите верувања и да им ги испере мозоците на нашите потомци. Она што се има случено во минатото, предизвика меѓугенерациска траума. Поради тоа дури се преиспитуваат и приказните што се пренесуваат бидејќи преживеаните имаат различни перспективи за тоа што се случило. Оние што преживеале, денес се постари членови на нашата заедница. Некои од нив живеат посветени на католичката вера. Други се полни со гнев и омраза поради минатото“, рече Делорм.

– Стапката на смртност на децата во училиштата помеѓу 40 и 60 отсто –

Делорм изјави дека како деца им било забрането да си играат на местото каде што се откриени 751 необележан гроб.

„Имаше некои приказни за тоа што се случувало таму, но не знаевме точно. Пребаравме 44.000 квадратни метри. Поставивме знамиња на 751 гроб. Има различни места што ги следиме и има и други следни фази, но првин ќе го завршиме ова. Стапката на смртност на децата во овие интернати е меѓу 40 и 60 отсто. На ова подрачје има и гробови во кои нема само деца. Надгробните споменици на овие гробови се отстранети под надзор на свештеник на Римокатоличката црква“, рече Делорм.

– „Сакаме извинување од папата“ –

Тој истакна дека тие бараат папата Франциск да упати извинување за сето она што се случило во минатото на Канада.

„Знаете дека ниту една држава во светот не е совршена. Канада сега има можност да му покаже на светот како треба да се постапува правилно. Повеќето автохтони заедници ја сакаат Канада, многумина се среќни што се Канаѓани. Сега, заедно со погребните места, нивните имиња мора да бидат означени. Мора да постои место каде што луѓето ќе можат да дојдат да се помолат“, рече Делорм.

Тој ги искоментира и тврдењата дека во кругот на Црковното училиште „Мохавк“ во Брантфорд, Онтарио, биле палени посмртните остатоци на децата.

„Слушнав за тоа и длабоко ме потресе сè што навистина се случило тогаш. Не можеме да постигнеме компромис сè додека не ја имаме правата вистина. Вистината ќе преовладува и Канада сигурно ќе ја прифати вистината. Веќе се уморивме постојано да се докажуваме“, рече лидерот на домородната заедница Првите нации на Ковесес.

Во екот на расправите за пронајдените останки на 1.148 неидентификувани деца во кругот на три интернатски училишта во канадските провинции Британска Колумбија и Саскачеван, се појавија тврдења дека во кругот на црковното училиште „Мохавк“ во Брантфорд, Онтарио, биле палени посмртните остатоци на децата.

– Првиот црковен интернат во Канада отворен во 1820-тите години –

Првиот црковен интернат во Канада е отворен во 1820-тите години, а во земјата имало 139 такви училишта. Последното било затворено во 1996 година. Целта на овие училишта била учениците од индијанската заедница да ја усвојат културата на белците.

Во црковните интернати, каде што престојувале повеќе од 150.000 локални деца присилно одземени од нивните семејства, повеќето биле изложени на физичко, сексуално и психолошко насилство, за што сведочат преживеаните.

– Културен геноцид –

Шестгодишната истрага за канадскиот систем на резиденцијални училишта, кој насилно ги одвојувал домородечките деца од нивните семејства, во 2015 година утврди дека тој, во меѓувреме укинат систем, претставувал културен геноцид.

Во извештајот се документира ужасното физичко насилство, неухранетоста и други ѕверства на кои биле изложени многу деца што биле во тие училишта.

Канадската сојузна влада официјално им се извини на жртвите во 2008 година за она што се случило во црковните интернати, каде што илјадници деца умреле од глад, студ и медицински експерименти.​​​​​​​


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1