ММС

Објавено на: 07/5/21 7:00 PM

Како лошата семејна атмосфера го нарушува течниот говор кај детето? Се’ за пелтечењето со м-р Светлана Трнинкова

Прекинот во течниот говор односно пелтечењето не е нешто за кое постои лек. Сепак, логопедите како професионална фела со својот стручен пристап може да придонесат тоа да се намали.

Течниот говор подразбира природен говорен тек без напор, без неволни прекини, повторување и продолжување на јазичните единици. Едно нормално зборување всушност содржи редослед во исказот, а личноста има соодветна брзина на зборување проследено со ритам и течност. Кога ваквиот начин на говорење е нарушен личноста почнува да пелтечи. Како тоа влијае врз комуникацијата во секојдневието особено кај децата, што да преземат родителите и каква е улогата на логопедите ММС побара одговори од Светлана Трнинкова, мастер логопед.

-Пелтечењето е нарушување  на течноста во говорот, а може да се нарече и нарушување во комуникацијата кое што влијае на многу аспекти од животот  на лицето кое пелтечи. Дисфлуентниот говор во еден период на детскиот живот се карактеризира како обична нормална дисфлуентност и права или патолошка дисфлунетност на говорот. Пелтечењето е, значи, нарушување на течноста во говорот, а може да се нарече и нарушување во комуникацијата  на ритамот и темпото на говорот. Лицето точно знае што сака да каже, но во исто време  е и неспособно тоа да го каже, заради повторување, продолжување или „запнување“  на некој глас, објаснува Трнинкова во интервју за Македонски медиа сервис.

– Дисфлуентниот говор кај децата може да се појави во повеќе форми и облици, меѓу кои е и токму пелтечењето. Потоа тука спаѓа брзоплетиот, како и патолошки спориот говор.  Многу заболувања на мозокот можат во себе да ги содржат горенаведените форми на дисфлуентен говор и тука спаѓаат афазиите, деменциите, алцхајмеровата болест, спастичните дизартрии, додава таа.

Кои однесувања на детето всушност може да им сигнализираат на родителите дека тоа би можело  да има потешкотии во однос на говорот?

-Родителите треба да се добро информирани од страна на логопедите со основни информации се со цел да знаат кога и во кој период од детскиот живот да побараат помош. Децата кои пелтечат имаат нормална интелигенција. Нервозата не е причинител за пелтечење како примарен фактор,тие конституцуски не се нервозни, исплашени, вознемирени или срамежливи .

Многу родители мислат дека пелтечењето ќе се добие со слушање или имитација на друго дете. Пелтечењето не може да се добие преку имитација или слушање на друго лице кое пелтечи. Родителите кои имаат деца кои пелтечат не треба да ги советуваат своите деца од типот длабоко да вдишат пред да почнат да зборуваат или пред да зборуваат добро да размислат што треба да кажат. Ако овие реченици често им ги повторуваат родителите на своите деца може само да се влоши флуентноста на говорењето. Сета оваа сосотојба се доведува до едно свесно ниво. За да се појави пелтечење потребни се и средински, но и наследни фактори. Повеќе од 5% од децата поминуваат на перод на пелтечење кое трае повеќе и од 6 месеци. Кај повеќето од нив пелтечењето може и спонтано да исчезне, кај многу деца е потребен соодветен логопедски третман, но кај 1% пелтечењето останува за цел живот.

Кога родителите да побараат стручна помош?

 

-Родителите пред се’ треба да побараат стручна помош кога имаат во семејството лица кои  пелтечеле. Освен тоа тие треба да се информирани на која возраст почнува сериозното пелтечење и кои временски периоди се критични во дескиот развој за развивање на пелтечењето.

Која е улогата на логопедите како стручна фела во справувањето со предизвиците кои ги носи пелтечењето?

-Логопедите се тие кои треба да ја информираат јавноста дека критични периоди за појава на пелтечењето се периодот од втората до третата година, потоа периодот помеѓу четвртата и петтата година, околу седмата, пубертетот, но и периодот на зрелост.

Како изгледа работата на логопедот со едно дете кое пелтечи?

-За успешна работа потребно е добра информираност и на родителите и на другите стручни соработници кои се во воспитнообразовниот процес, но и постојана едукација на логопедите. Со соодветен логопедски третман ќе се прекине ланецот на напнат говор и ќе се учи еден нов и опуштен говор, кој постепено ќе овозможи запирање на напнатиот брз и дисфлуентен говор.

Треба да се знае дека пелтечењето се манифестира со клонични грчеви, потешки се тоничните кога има веќе видливо затегнување на вратните мискули и мимичната муслулатура на лицето, зацрвенување и блокада или затишје пред да се испровоцира глас. Често е развлекуваето на гласови, слогови и фрази. Често е вметнувањето на зборчиња, чести паузи, страв од говор, физиолошки реакции и тикови.

Според возраста пелтечењето го делиме на пелтечење кај деца и пелтечење кај возрасни.  Пелтечењето кај децата го делиме на физиолошко, развојно и неврогено. Физиолошкото пелтечење се манифестира во вид на повторување на зборови, фрази, или пак во развлекување на вокалите. Кај овој вид на пелтечење најчесто имаме спонтано опоравување, затоа пелтечењето е само физиолошки одраз на целокупната состојба во мисловно јазичкиот и вербален процес. Развојното и неврогеното пелтечење веќе се индикација за логопедски третман. Кај возрасните лица имаме развојно и неврогено пелтечење, кое може да престанало со логопедски третман, но после прекинувањето пак да продолжи и да егзизтира цел живот.

Дали  до пелтечењето може да дојде ако детето живее во тензична атмосфера, која му создава стрес и што со лошите емоции?

-Стресот како примарен причинител не го предизвикува пелтечењето. Но атмосфера тензична, напната, каде се чести опоменувањата на родителите доведува до тоа да го фиксираат пелтечењето и ќе се влоши клиничката слика. Пелтечењето започнува во момент кога ќе се здружат конституциски стекнатата предиспозиција, комплексната фаза од говорно – јазичниот развој и околината која бара поголеми очекувања и постигнувања.

Како пелтечењето се одрзува врз менталното здравје на децата, каква е совеста кај нас, имаме ли стигма и осудување, потсмевање кон овие деца?

-Кога детето пелтечи тоа си мисли дека единствено само тоа го има овој проблем. Многу полесно ќе му биде кога ќе слушне од логопедот, педијатарот, педагогот дека и многу други деца го имаат овој проблем и дека тоа не е ништо страшно. Кога се работи за совети за родителите важи правилото дека колку порано се открие пелтечењето и се подложи детето на логопедски третман толку е подобро. Сите луѓе кои се во контакт и зборуваат со детето се одговорни и за неговото ментално здравје. Денес нема етикетирање на децата и потсмев, сето ова е надминато благодарение на едукацијата на родителите. Многу се ретки и случаевите и да има потсмев и имитирање од страна на децата.Такво однесување не постои во училишната средина помеѓу другарчињата, едукацијата и брзиот пристап до информации си го прави своето да функционираме на едно повисоко интелектуално ниво.

Може ли да се превенира пелтечењето и кои активности можат да го подобрат детскиот говор?

-Сите луѓе кои се во контакт и говорат со детето се одговорни и за неговата превенција, но и за соодветните активности кои ќе ги превземат за добар, правилен и течен говор. Најголемо влијание имаат оние кои постојано се со детето и кои го сакаат. Децата разбираат многу повеќе отколку што можат да кажат. Затоа е потребно да се разговара со децата уште во многу рана возраст, правилно без искривување на зборовите и поддржување на бебешкиот говор на детето.

На децата треба да им се пеат песнички, да се шетаат во природа, да посетуваат градинка каде ќе се социјализираат и поистоветуваат со своите врсници ,да има реакција на одложување на потребите на детето, да се научи на трпеливост, да почека и полека да сфати дека има одредени правила кои се непишани но се почитуваат и стануваат обрасци на правилно и логично однесување. Заеднички да се средуваат играчките и непосредниот простор и така ќе стекнува одредени работни навики и активности. Сите насилни содржини на интернет и на мобилните телефони строго да им се контролираат, а се препорачува и избегнување на подолго седење пред мобилни телефони.

Вања Мицевска

Фото: Кире Андонов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1