ММС

Објавено на: 07/2/21 8:27 AM

Дојран и Меџитлија се отворени за влез во Грција – Јужниот сосед ги отвори сите копнени гранични премини

По најавите дека Грција ќе ги отвори сите копнени гранични премини кон соседните земји, официјалната министерска одлука е веќе објавена во Службен весник, па така, од вчера, влезот кај јужниот сосед од Северна Македонија можен е, освен преку Евзони (Богородица) и преку Ники (Меџитлија) и Дојран, јави дописничката на МИА од Атина.

За разлика од претходно, кога преминот Богородица работеше со ограничено работно време, сега, согласно новата одлука, сите гранични премини работат 24 часа.

Во одлуката „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19″, што е во сила до 8 јули 2021 година, за патување во Грција, задолжителен е документ поврзан со Ковид-19, односно или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF формуларот.

Промени, согласно новата одлука што ја пренесува МИА, има во однос на потврдата за прележан Ковид-19, важноста на документот издаден 30 дена по првиот позитивен резултат е до 180 дена по позитивниот резултат, а не од два до девет месеци како што беше претходно.

Нашата земја и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а освен од Северна Македонија, дозволено е патување и за државјаните од Австралија, Албанија, Босна и Херцеговина, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Јапонија, Израел, Канада, Белорусија, Либан, Црна Гора, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд.

На листата, додадени се и Азербејџан, Ерменија, Јордан, Молдавија, Брунеј и Косово.

Од копнените гранични премини, освен трите кон Северна Македонија, отворени се и Промахонас, Орменио, Нимфеа и Ексохи кон Бугарија, Кастањес, Кипи кон Турција и Кристалопиги и Какавја кон Албанија кои работат 24 часа, а единствено Мавромати кон Албанија е со работно време од 8 до 16 часот и дозволен влез на најмногу 250 лица.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

 

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1