ММС

Објавено на: 07/2/21 7:42 AM

Брнабиќ,Рама,Пахор меѓу лидерите кои денеска учествуваат на Преспа форумот за дијалог

Трансатлантските врски и враќањето на синергијата меѓу Европската Унија и САД во однос на Западниот Балкан ќе биде темата на панелот на високо ниво, кој ќе се одржи денеска во Охрид на вториот ден на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог.
„Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ е насловот на панелот, кој ќе го отвори шефот на државата Стево Пендаровски, а потоа свои обраќања меѓу другите ќе имаат имаат претседателите на Црна Гора и Словенија, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, еврокомесарот Јоханес Хан.
На овој панел е предвидено и учество на премиерот Зоран Заев, премиерите на Србија, Косово и Албанија, Ана Брнабиќ, Албин Курти и Еди Рама, а ќе се обратат и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, шефот на полската дипломатија Збигњев Рау, австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу.
Конференцијата, низ различни предвидени содржини и панели го обработува Западниот Балкан низ призмата на помирувањето и градењето на доверба меѓу нашите народи, низ призмата на трансатлантските релации, преку економската соработка, конекциите со цивилното општество и медиумите, родовиот сензибилитет за овие важни процеси.
Силна поддршка за почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија, но и интеграција на регионот во Унијата произлезе од вчерашните панели и дискусии од страна на високите американски и европски претставници.
Истовремено со поддршката беа повторени и разочарувањата, што овие две земји на јунскиот самит на Унијата не добија зелено светло за почеток на преговорите, поради спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Учесниците го потенцираа значењето на интеграцијата во Унијата како процес кој ќе обезбеди траен мир и стабилност и ќе биде брана за евентуални влијанија на трети страни во регионот, кој не може да биде ништо друго освен европски.
Пораки пристигнаа од Рикер, Палмер, германскиот министер за Европа, Рот, европратеници, генерални секретари на меѓународни организации, сите посочувајќи го примерот на Договорот од Преспа, како модел за решавање на спорови, кој може да биде патоказ и за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, но и значењето на Охридскиот рамковен договор како основа мултиетничкиот карактер на земјава.
Рикер со порака дека САД стојат зад Северна Македонија како сојузник и како пријател.
-Меѓународната заедница го препознава значајниот напредок што го направи Северна Македонија и храброста да се постигнат овие решенија. Уште многу работа останува да се направи и отворањето на преговорите со Европската Унија е почеток на процесот што ќе налага натамошна посветеност, истакна тој синоќа во Охрид.
Нагласи дека САД, претседателот Бајден, државниот секрертар Блинкен – сите се уверени дека Северна Македонија може и ќе ги направи неопходните чекори, како што е продолжување на реформите, зајакнување на владеење на правото, борбата против корупцијата, зголемување на транспарентноста за да гарантира попросперитетна иднина за нејзините граѓани, како и зајакнување на стабилноста на регионот.

Тој оцени дека Преспанскиот договор барал голема дипломатска храброст на лидерите на Северна Македонија и на Грција и ги поставил стандардите за остатокот од регионот како мирно да се решаваат големи конфликти преку дијалог.
-Тоа на сите нас ни потврди дека лидерите од Западен Балкан се дораснати на предизвикот – а тоа е дека размислувањето за иднината ги отвори вратите на НАТО и поради тоа САД, и јас лично, бев горд што соопштив дека Северна Македонија е членка на НАТО минатата година. Преспанскиот договор донесе конкретни предности и на Северна Македонија и на Грција, внесувајќи ја Северна Македонија во најголемата Алијанса, а исто така реафирмирајќи ја посветеноста на Грција кон Западен Балкан, продолжувајќи ја нашата заедниочка цел – а тоа е да ја донесеме Северна Македонија поблизу до членство во ЕУ, рече Рикер.
Разочараност поради повторната блокада за Северна Македонија, но и за Албанија и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери изрази вчера заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер. Тој нагласи оти сето ова влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.

– Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба, истакна Палмер.
Тој ја подлече важноста на историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за коишто посочи дека се примери за поголем регионален ангажман на Северна Македонија во корист на нејзините граѓаните.
Палмер се осврна за улогата на САД во регионот, истакнувајќи дека долгогодишна визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир со себе и со соседите, регионот којшто е стабилен, проспетитетен и интегриран во евроатлатнската рамка.
Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот на учесниците им се обрати преку видео-конференциска врска, потенцирајќи дека граѓанското општество треба да игра активна улога во домашните и регионалните процеси, особено во процесот на евроинтеграцијата и тука тие треба да бидат особено ангажирани, особено во политичките и економските процеси.

На Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” учестват околу 300 учесници, високи домашни претставници, високи претставници на Европа и САД, претседатели, премиери, министри за надворешни работи, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1