ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/1/21 11:54 PM

СДСМ, ДУИ, ДПА и Беса заедно за градоначалник на Скопје

Според брифинзите од владејачката партија на претстојните локални избори во октомври опозицијата многу малку може да се надева. Нивните анкети спроведени во 20 те  почетни општини покажале секаде водство на СДСМ. На национално ниво, во однос на ВМРО ДПМНЕ партијата била во предност од над 2 проценти, а предноста била уште поголема-над 11 проценти, кога граѓаните одговарале на прашањето кој ќе победи на изборите.

Партиските процедури за пријавување на кандидатури со програма ќе завршат на петти јули, а на 13 ќе биде објавена првата група од 20 кандидати за градоначалници, до крајот на јули втората и до крајот на август третата група со која ќе се објават и листите на кандидати за советници за локалните избори. Досега се самокандидирале над 50 заинтересирани за градоначалници кои претежно се непартиски кадри, 562 кандидати предложиле општинските организации, преку кои се предложени и 4.530 кандидати за општинските совети.

Наредната недела партиските претседатели Зоран Заев и Али Ахмети ќе одржат лидерска средба на која ќе објават заеднички настап за градоначалник на Скопје, на кој ќе се приклучат и ДПА и Беса. СДСМ нема да кандидира градоначалници во Чаир и Сарај, а во Гостивар, Струга и Тетово најверојатно во првиот круг ќе оди со свои кандидати, а во вториот ќе ги поддржи кандидатите на ДУИ, ДПА или Беса. Иако се најавуваше на овие локални избори, социјалдемократите и албанските коалициони партнери нема да настапат со заеднички советнички листи.

Сеуште не се изјасниле и помалите коалициони партнери на СДСМ кои на последната средба не искажале интерес за кандидирање на градоначалници, но можни се самостојни настапи надвор од коалицијата за влегување во општинските совети. Некои од лидерите се предложени за заеднички кандидати за градоначалници, како претседателите на ЛДП и Достоинство, Горан Милевски и Стојанче Ангелов.

Сите актуелни градоначалници искажале интерес да се кандидираат за втор мандат. Од поголемите градови, како  во Битола биле предложени актуелната градоначалничка Наташа Петровска, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, Горан Козарев, Никола Бабовски… Во Прилеп најчесто сдсмовското членство го предлагало директорот на Царина, Горан Сугарески, во Карпош актуелниот градоначалник Стефан Богоев, директорот на Водовод, Душко Весовски и Магдалена Несторовска.  Во Аеродром предложени се  Александар Филиповски и Александар Бајдевски. Во Центар Саша Богдановиќ, Емилијан Станковиќ, инфектологот Милена Стефановиќ и Горан Герасимовски. Во Куманово освен градоначалникот Максим Димитриевски меѓу предложените се и Оливер Илиевски и Мартин Костовски. Во Охрид најголеми фаворити биле сегашниот градоначалник Константин Георгиевски и директорот на болницата Горан Балевски..

Сите кандидати за градоначалници ќе се изберат врз основа на резултатите од анкетите и резултатите од непосредното гласање по СМС на сите партиски членови во општинските организации. За советничките листи интенциите се најголем дел од кандидатите да бидат жени и личности од граѓанскиот активизам и невладиниот сектор.

Генералниот секретар и шеф на изборниот штаб на СДСМ, Љупчо Николовски најави сигурна победа во Штип, Кочани, Струмица, Центар, Куманово, Берово, Пехчево Делчево, Пробиштип, Крива Паланка, Центар, Карпош, Охрид, Бутел, Скопје…

Според Николовски речиси и да нема шанси да се постигне договор за отворени листи и за избор на градоначалник во еден круг на локалните избори, а според информациите од ДИК проблеми има и со тенденрот и набавката на потребната опрема и техника за фингерпринт гласање.

Столе Наумов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1