ММС

Објавено на: 07/1/21 2:45 PM

Со краток филм и книга колегите се простија од Виолета Димова – прва деканка на Филилошкиот факултет на УГД

По долга борба со болеста, на 7 мај годинава почина проф. д-р Виолета Димова првата деканка на Филиолошлкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ , за која денеска беше одржана комеморација на факултетот.
Професор Димова, научен работник, методичар, книжевник и лингвист учествуваше во основањето и беше прв декан на Филолошкиот факултет при УГД. Под нејзино водство се создаваа новите генерации лингвисти, како и новиот кадар на факултетот.
-Драга колешке, и уште помила пријателке, морам ова да го напишам сама. Мораме да создадеме нешто сами, а во нејзина чест, онака како што таа ни остави аманет да функционираме – секој во својата област, а сепак сите заедно во еден тим. Нејзиниот спомен и нејзиното дело остануваат засекогаш“, изјави деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска на настанот.
Филолошкиот факултет  при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на посебен начин се прости и се потсети на проф. д-р Виолета Димова, со прикажување на краток филм посветен на Димова, книга која исто така е посветена на прерано починатата професорка.
На настанот се обрати и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, како и најблиската соработничка на Димова, професорката Луси Караниколова-Чочоровска. На членовите на семејството на проф. Виолета Димова им беше предадена плакета, како и првиот примерок од книгата посветена на неа.
Проф. д-р Виолета Димова голем дел од својот работен век го помина токму на Филолошкиот факултет при УГД, оставајќи длабок печат со својот ангажман, со својот однос како со колегите на Факултетот и на Универзитетот, така и со генерациите на студенти кои ги учеа македонскиот јазик и светската книжевност под нејзино менторство. Професор Димова дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови од областа на методиката и теоријата на книжевноста, а добитник е и на Меѓународната награда „Ана Франк“ за посебен придонес во интерпретацијата на литературата за деца.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1