ММС

Објавено на: 07/1/21 12:13 PM

Роаминг детали: Зошто операторите очекуваат домаќинско трошење на интернетот

Македонските граѓани од денес можат слободно да комуницираат преку своите мобилни мрежи додека се наоѓаат во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Официјално, од 1 јули се олесни комуникацијата помеѓу овие шест земји со процесот RLH (roam like home), односно корисниците на мобилни комуникации ќе можат да зборуваат и да трошат дел од интернетот без да плаќаат за услугата роаминг кога се наоѓаат надвор од матичната земја.

Вчера ММС објави ексклузивно од АЕК дека бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет, односно дека операторот очекува од корисникот да потроши интернет во роаминг колку што би потрошил додека е во Македонија пропорционално на времето кое го минува во странство.

Денес еден од двата најголеми оператори, А1 испрати прецизно појаснување за користењето на интернет пакетите во земјите од Западен Балкан.

„Вклучените национални минути и SMS-пораки (во рамките на својата мрежа и кон другите национални мрежи), кои се вклучени во тарифата или во дополнителните пакети, постпејд корисниците можат да ги користат во роаминг во земјите од Западен Балкан, исто како да се наоѓаат на територијата на Македонија.

-Количината на мобилен интернет што им е на располагање на корисниците во земјите од Западен Балкан, зависи од месечната претплата на тарифниот модел и пакетот што го користат. Преку мобилната апликација Мојот А1, постпејд корисниците можат да проверат колку мобилен интернет имаат на располагање во роаминг во земјите од Западен Балкан, информираат од операторот А1.

На пример, оние што се претплатници на тарифниот модел А1 Нео М и имаат 15 гигабајти на располагање во националната мрежа, во роаминг во овие шест земји ќе може да искористат 2,5 гигабајти. Оние што имаат модел А1 М+ и имаат 50 ГБ во роаминг ќе може да искористат 3 гигабајти.

„Доколку корисникот се наоѓа во Македонија и прави повик или праќа SMS-порака кон земјите од Западен Балкан, тоа е меѓународен повик и се наплаќа како меѓународен повик (во согласност со ценовникот за меѓународен повик од Македонија кон Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина). Тоа не е роаминг“ објавија од А1.

Од Телеком сметаат дека новата регулатива за роаминг во земјите од Западен Балкан има за цел да го подобри корисничкото искуство и да ја олесни комуникацијата на граѓаните кои патуваат.

„Користењето на роаминг услугите во земјите на Западен Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија, Косово) ќе биде овозможено на начин што корисниците ќе имаат право да користат дел од услугите разговор/СМС/податочен сообраќај вклучени во нивните тарифни модели како што тоа го користат во Македонија“, изјавија за ММС од Телеком кој за летово како бенефиција нуди и специјален роаминг интернет кој може да се користи и во некои од ЕУ-земјите.

Идејата на договорот е да им олесни на оние што прават бизнис во регионот и на туристите со оглед на фактот дека е зголемена регионалната соработка во сите економски сектори.

– Операторот има историја на потрошувачка на услугите за секој корисник и отприлика очекува исто однесување од нив ако патуваат во една од овие земји. На пример, имате пакет со 10 гигабајти интернет и го трошите за четири недели. Ако одите на седумдневен одмор во регионот, операторот очекува од вас да потрошите 2,5 гигабајти за една недела, односно една четвртина. Ако троши 10 гигабајти и потроши 100 гигабајти, таа разлика ќе ја плати корисникот. Затоа, не се опуштајте со интернетот додека сте на плажа, затоа што бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет – објасни вчера за ММС, Игор Бојаџиев од АЕК.

За да се избегнат проблемите со корисниците кои поради неинформираност би можеле да потрошат повеќе интернет отколку што имаат во домашниот пакет, од АЕК велат дека според Правилникот, кога корисникот ќе го искористи својот мобилен интернет, операторот треба да прати барање до АЕК за стопирање на услугата и со тоа би се избегнале неочекувани сметки од 200 до 300 евра.

Процесот почна во 2019 година кога владите на шесте земји потпишаа спогодба со која се согласија прво постепено да ги намалат цените на роамингот, а потоа тие да бидат целосно укинати помеѓу земјите од Западен Балкан.

Во разговор со ММС, Игор Бојаџиев, советникот за радиокомуникации на директорот во АЕК, објасни зошто оваа промена се случува само во овие земји и каква корист ќе имаат граѓаните при патувањата.

– Постојат пакети со неограничен интернет и мобилни разговори, смс и ммс пораки… Кај сите овие земји е иста методологијата и системот на комуникациите, а генерално имаме и ист или сличен стандард во регионот. Во Европската унија ова не е така затоа што имате земји со различен стандард и квалитет на плаќање. Ќе ја земам за пример Бугарија која има сличен стандард на нашиот, а е членка на ЕУ. Таа на пример, има пакет од 10 евра со неограничени мобилни услуги, но истиот пакет чини 50 евра во Шведска. Ако се даде можност да биде исто, Швеѓаните би доаѓале во Бугарија да склучуваат договори и тогаш таа би имала најголема база на корисници. За да се избегне оваа злоупотреба, се воведува овој начин на плаќање, наречен RLH (roam like home) или плаќање по домашни цени – истакна Бојаџиев.

Орце Костов

фото: Freepick

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1