ММС

Објавено на: 07/1/21 11:13 AM

Радост за пациентите со спинална мускулна атрофија – МЗ објави тендер, од идниот месец доаѓа лекот за болните од СМА

Здружението на лица со спинална мускулна атрофија, СТОП СМА денеска со јавноста сподели убави вести за пациентите кои се соочуаат со ова заболување. Претседателката на Здружението Деница Велковска  на средба со новинарите кажа дека мината недела Министерството за здравство објавило тендер за набавка на лек за спинална мускулна атрофија и, како што рече, пацинтетите ќе имаат можност  да го започнат своето лекување уште во текот на наредниот месец.

– Станува збор за лек кој се администрира еднаш дневно во вид на сируп/орален раствор. Четворица пациенти со спинална мускулна атрофија ќе имаат можност да го примат овој лек во домашни услови. Со ова ќе се затвори едно многу важно прашање за нас, практично сите пациенти со СМА во нашата земја ќе бидат поставени на соодветна терапија. Со ова ќе се овозможи квалитетен живот на пациентите и олеснување на секојдневието на лицата кои се грижат за нив и секако ќе овозможи заштеда во здравствениот систем и социјалниот буџет на државата, истакна Велковска.

На овој настан присуствуваше и Министерот за здравство кој истакна големо задоволство што и за оваа проблематика се изнајде решение и дека пациентите со спинална мускулна атрофија ќе имаат можност да добијат соодветен третман и да добијат поквалитетен живот.

Здружението  СТОП – СМА ќе продолжи и понатаму да се залага и да работи во интерес на сите пациенти со СМА и  се заблагодарува на Министерот за здравство Венко Филипче, на членовите на Комисијата за ретки болести и на директорот на Клиниката за неврологија за огромниот успех за пациентите со спинална мускулна атрофија во нашата земја.

(В.П.)

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1