ММС

Објавено на: 07/1/21 8:44 AM

Лео Меси од денес не е член на Барселона – Еден куп ѕвезди станаа слободни играчи

Од денес голем број на славни фудбалери се слободни агенти откако вчера им истекоа договорите, а најбараната ѕвезда на пазарот ќе биде еден од најдобрите во историјата, Лео Меси.

Нема клуб кој не би посакал да го види во своите редови, посебно богатите ПСЖ, Манчестер Сити и Челзи, но во време на пандемија и финансиска криза тешко дека некој клуб ќе може да му понуди најмалку 40 милиони евра годишна нето плата колку што заработуваше во Барселона.

Сепак, тој веќе донел одлука и нема да ја смени средината како што посакуваше лани кога Барселона за него побаруваше 100 милиони евра оштета. Клупската организација е стабилна, тимот донесе неколку засилувања и се очекува во следните денови Меси да го потпише последниот голем договор со Барселона со оглед на тоа дека има 34 години и дека во Каталонија дојде пред точно 21 година.

Втората ѕвезда која е атрактивна на пазарот е капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос кој дресот на „кралевите“ го носеше од 2005 година. Најзагреан за Рамос е ПСЖ.

Договорот му истече и на Џорџо Кјелини во Јувентус, но Макс Алегри по враќањет во Торино веднаш изјави дека тој му е потребен во тимот и ќе му понуди нов едногодишен договор, а Давид Алаба од Баерн Минхен како слободен играч ќе се пресели во Реал Мадрид.

Еден од најбараните слободни агенти, голманот на Италија и на Милан, Џиџи Донарума го одби Милан и ќе се пресели во ПСЖ.

Најбаран македонски фудбалер ќе биде репрезентативецот Езгјан Алиоски кој од денес не е под договор со англискиот премиерлигаш Лидс. За него најголем интерес покажаа турските клубови.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1