ММС

Објавено на: 06/30/21 3:03 PM

Непромислениот старт на Даниелсон ќе го оддалечи Беседин шест месеци од терените

Во последниот дуел од 1/8 финалето на ЕУРО 2020, Шведска загуби од Украина со 1:2 по судиските продолженија, а „најзаслужен“ за можеби и раното испаѓање на Скандинавците е централниот дефанзивец од редовите на Далиан Про, Маркус Даниелсон.

Тој во 98-та минута непромислено стартуваше со отворен ѓон врз ногата на напаѓачот на Динамо Киев, Артем Беседин и заработи црвен картон, по консултацијата на арбитарот Даниеле Орсато со ВАР-системот.

Украинските медиуми пренесуваат дека дваесет и петгодишниот Беседин поради повредените лигаменти и фрактура на „иверот“ (бутната коска), ќе биде оддалечен од зелените терени во следните шест месеци.

Некоректноста во играта на стоперот на Швеѓаните ги доведе „викинзите“ до болен пораз во 120-тата минута од двобојот, кога Артем Довбук одлично го проследи центаршутот на левиот бек на Манчестер Сити, Олександар Зинченко.

Токму Зинченко во 27-та минута го отвори резултатот на „Хемпден Парк“, а сигурно најдобриот поединец кај Шведска на турнирот, Емил Форсберг, при крајот на полувремето израмни на 1:1 со одмерен шут од дваесеттина метри.

Украина во следната рунда ќе се сретне со репрезентацијата на Англија, овојпат на неутрален терен на „Олимпико“ во Рим. Останатите двојки од 1/4 финалето од Европското првенство се: Шпанија-Швајцарија, Италија-Белгија и Данска-Чешка.

 

 

Фото:

Twitter / @goal

Twitter / ZoryaLondonsk

 

д.ј

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1