ММС

Објавено на: 06/30/21 2:01 PM

(Видео) Бранко Црвенковски до Плевнелиев: Македонскиот јазик ми е мајчин јазик, на него говореле мојот татко, дедо и дедото на мојот дедо

Поранешниот претседател и премиер на Република Македонија, Бранко Црвенковски, кој ретко се појавува во јавноста по заминувањето од челната позиција во СДСМ, ги навлече симпатиите на мнозинството од јавноста откако на Форумот за Западен Балкан во Сараево го изнесе својот став за прашањето со Бугарија.

Црвеновски во својот говор го потврди она што го мислат најголемиот дел од македонските граѓани, дека Бугарија го користи правото на вето за да го постигне она што не успеала да го постигне во Втората светска војна.

„Она што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки. Мене ми е ставот на Бугарија потполно јасен, но она што мене ме интересира е како на ова гледаат останатите членки на ЕУ„ рече Црвеновски во своето обраќање.

Во истиот момент додека Црвенковски зборуваше на Форумот, португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закаријаш даде скандалозна изјава во која го користи терминот „северномакедонски јазик“ и во која вели дека македонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик.

Искусниот политичар му реплицираше на поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев со изјава која намерно ја почна на македонски јазик за да им даде до знаење на сите присутни дека нашиот јазик е јазикот на кој говореле и нашите претци.

„Мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик. И тоа не случајно. Тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо, и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене кои што биле и родени и живееле уште пред да се родат и Јосип Броз Тито и Сталин. Значи никој, јас барем никого не знам и нема успеано во историјата на вештачки начин да креира нова нација. Имало обиди, но ниту еден успешен“, вели Црвенковски во својата реплика кон Плевнелиев.

По ова обраќање Твитер заедницата, која е најкритички настроена кон политиката, посебно кон власта, експлодираше со коментари дека Црвеновски им покажал на македонските политичари како се говори во однос на прашањата за македонскиот идентитет.

 

О.К.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1