ММС

Објавено на: 06/30/21 12:04 PM

Работниците кои беа отпуштени во Куманово поради коронакризата полека се враќаат на работа

Дел од работниците кои во Центарот за вработување во Куманово ја збогатија листата на невработени во текот на минатата година полека се враќаат на своите работни места, откако пандемијата предизвикана од Ковид-19 стивнува.

Заклучно мај на територијата на Куманово евидентирани биле 15.214 активни и 5.602 лица како пасивни баратели на работа, информираше денеска директорката Марија Димитријевска.

Како што појасни таа сите кои биле отпуштени во периодот на ковид кризата добиле соодветен надоместок согласно Законот за вработување.

– Имаше тенденција на отпуштање на вработени, сите сме свесни за тоа. Одредени сектори беа попогодени од корона кризата, така да на пример чевларската индустрија беше доста погодена во одреден период со последиците од ковид-19 меѓутоа задовоство ми е да кажам дека кога ги оптуштија работниците од работа, немаа потреба моментално немаа работа, невработените лица дојдоа кај нас согласно Законот за вработување остварија парична надомест за време на невработеност, изјави директорката.

Како што појасни Димитријевска, најголем дел од лицата кои биле отпуштени сега се вратени на истото работно место, а помал дел се вработени во други компании.

Од денеска невработените лица, но и работодавачите услугите на Центарот за вработување во Куманово ќе ги добиваат во целосно реновирани простории, а увид во завршените активности изврши и директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири.

Со 10 милиони денари средства од Европската унија се сменети фасада, врати, мебел, греење, водоводна и канализациска мрежа, а слично реновирање Демири најави и за уште неколку центри за вработување низ државата.

 

Никола Ивановски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1