ММС

Објавено на: 06/30/21 11:41 AM

Медицина и Информатика остануваат најатрaктивни – утре почнуваат уписите на универзитетот „Гоце Делчев“

Утре се отвора електронската платформа за упис во универзитетот „Гоце Делчев“, која останува активна до средината на септември. Преку оваа платформа ќе можат да се завршат сите административни работи, иако штипскиот универзитет дава можност и за упис со физичко присуство, доколку тоа го сакаат идните студенти. Ректорот Блажо Боев објави 4000 слободни места, иако како што рече, очекувањата е да се пополнат половината.

-Програмите се релативно намалени, како одговор на прашањето за квалитет, бидејќи не можете да држите повеќе студиски програми, а за тоа да немате доволно кадар или компетативни услови да правите квалитетно образвоание. Од тој аспект, Универзитетот направи заокружување на својата студиска понуда во делот на нови студиски програми, кои се комплементари во однос на тоа што значи бизнис и економија, во техниката и информатиката, додека медицинските науки се доволно компетативни, изјави ректорот Боев.

Веќе неколку години поради опаѓањето на бројот на завршени средношколци, се намалува и бројот на студиските програми, кои од 120 се сведени на 60. И натаму најголем интерес има за медицинските науки, помалку за техничките. Поради тоа, во постапка веќе од студиската година 2022/23 да се воведат студиски програми на англиски јазик на факутлетите по Општа медицина, Правниот факултет и Информатика, поради што во тек е постапката на утврдување на потребните сертификати. И сега има истрански студенти, и тоа на сите години и факултети се околу 500, главно турски студенти, но студираат на македонски јазик. Секоја година се запишуваат по околу 100 странски студенти, а покрај од Турција, има од земјите од регионот, вклучувајќи ја и Грција.

Универзитетот „Гоце Делчев“  се’ уште нема донесена одлука како ќе се одвива наставата  од следната студиска година. Иако како што рече Боев, во перспектива очекува да преовладува хибриден систем, а физичко присуство само кога ќе се изведува праската. Одлуката ќе биде донесена во септември, бидејќи универзитетите немаат обврска да ги следат препораките од Министерството за образование и наука (МОН).

Што се однесува до најавата за отворањето на бугарскиот универзитет од Велико Трново во Македонија, ректорот Боев вели дека конкуренцијата е добредојдена.

-Образованието мора да биде засновано на принцип на квалитетно образование, доколку сакате да опстоите. Не на тоа некој да ви даде привилегија да имате високо образование и да му каже на друг – вие нема да имате. Тоа не води кон никаде. Затоа реков дека не гледаме проблем во тој сегмент. И сега има преку 23 високобразовни институции  во државата, и приватни и јавни, така што, не гледам проблем во поглед на конкуренцијата. Конкуренцијата е добра работа и мислам дека не можете да ги натерате студентите на сила да одат некаде, кога тие не сакаат. Затоа реков што и да правиме, треба да направиме добро, квалитетно образование и услови и да им понудиме иднина на младите, кажа Боев.

И претстојната година продолжува стипендирањето на 300 најдобри студенти, кои ќе се запишат во прва година, додека студентите на катедрата за македонски јазик се целосно ослободени од плаќање партиципација, со цел стимулирање на нови студенти.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1