ММС

Објавено на: 06/30/21 7:54 AM

Нема никаква логика да се плаќа пашарина за пчелите – Лавина реакции од пчеларите и јавноста за новиот закон за пасишта

Нелогично е да се бара пашарина затоа што пчелите ја користат природата за од неа да соберат нектар, кога во целиот современ свет се бара заштита на пчелата поради нејзиното континуирано исчезнување. На ваков став се и во Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија, од каде велат дека иако се потсекторска група на Министерството за земјоделие, сепак не се согласуваат со новото предложено законско решение од Министерството и Јавното претпријатие за пасишта и сметаат дека нема да се усвои.

Менде Трајковски, претседател на Сојузот објаснува дека уште во 2019 година се разгледувал овој предлог, но тогаш бил отфрлен.

–  И тогаш со тогашното раководство на јавното претпријатие за пасишта се договоривме дека не треба да има пашарина, но сега се извршија некои избори, се сменија одредени раководни структури и повторно се стави истиот предлог. Сега законот е во постапка, меѓутоа јас пред неколку дена разговарав и со луѓе од Министерството и од јавното претпријатие и мислам дека ќе се подготвува ново законско решение и ќе се подигне на повисоко ниво, односно мислам дека ќе ги убедиме да нема ваков пропис – вели Трајковски.

Информацијата дека во новиот предлог закон за пасишта постои одредба со која за поставување на пчелни семејства се определува пашарина за пчеларите коишто имаат закупено пасиште во државна сопственост, предизвика лавина реакции и од пчеларите, но и општо од јавноста каде никој не виде логика во предложеното пред се поради загрозеноста на пчелите како вид и нивното непроценливо значење како главни опрашувачи.

Новото законско решение за кое јавниот увид заврши пред некој ден, предвидува пчеларите кои користат пасиште за поставување на пчелни семејства да плаќаат колективна пашарина во износ од 0,3 отсто од просечната нето-плата исплатена за минатата година. Освен тоа, оние кои закупиле пасиште во државна сопственост ќе треба да платат и одредена закупнина, а најмал период на земање под закуп е 5 години за пасишта кои не се регистрирани, 10 години за напасување на ситен и крупен добиток или до 30 години, за спортско-рекреативни активности и рурален туризам. В петок е закажана и јавна расправа по предлог законот.

Роза Шулева

Фото: bhpcelar.ba


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1